Пелистер го заврши регуларниот дел од сезоната на третото место во Супер-лигата, а тренерот Боро Даскаловски не го крие разочарувањето од завршницата и трите порази во низа, уште повеќе ако се знае дека на трите средби Пелистер беше и подобар ривал три четвртини, но не успеа да стигне до триумф со што би си го осигурал местото во плејофот пред овие пет кола доигрување.
Вака, „зелено-белите“ ќе одат по потешкиот пат, почнувајќи од саботниот дуел на домашен терен со Маџари.
„Според позицијата на табелата сум делумно задоволен, но никако не сум задоволен од последните три натпревари, каде испуштивме голема можност да го осигураме местото во playoff- от. Сега ќе мораме на потешкиот начин да стигнеме до доигрувањето. Првиот натпревар против одличната екипа на Маџари ќе биде императив за нас да дојдеме до победата“, вели Даскаловски.
Маџари е тим што Пелистер два пати го совлада во регуларниот дел од сезоната, но искусниот стратег е свесен дека саботната задача нема да биде нималку лесна.
„Мораме да одговориме на нивната транзиција, нивниот офанзивен скок и да наметнеме ритам кој нам ни одговара. Во регуларниот дел успеавме да издвојуваме две тешки победи, мораме психолошки да останеме присебни и фокусирани“, истакнува стратегот на битолчани.
Во првите два натпревари сезонава Пелистер забележа две победи против Маџари.





