(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)
2009 – НОВ ТРИУМФ НА ГОРДАНА Ц. БОШЕВСКА
Гордана Цветковска Бошевска, овојпат без сопругот Тони, беше најдобар спортист на Битола за 2009 г. откако зад себе, навистина, остави резултати достојни за почит. Плакета за четириесетгодишниот подем и развој му беше доделена на Џудо клубот „Пелистер” – Битола.
Изборот на најдобрите спортисти за 2009 година се одржа на 14 февруари 2010 година. Во организацијата и овојпат се вклучи Општината, а поголем дел од наградите и признанијата, покрај претседателот на Сојузот на спортови Силјан Мицевски, додели и градоначалникот Владимир Талески.
Дека и припадничките на понежниот пол можат да остваруваат големи резултати, дури и во таканаречените машки спортови, покажа Гордана Цветковска Бошевска, која неколку години со ред доминира во еден од најтешките и моментно најатрактивните спортови во светот и кај нас, кик-боксот. Во 2008 година Гордана освои петто место на светското првенство во Австрија, второ место на светското првенство во Хрватска, ја освои титулата државен првак на Македонија, а од Федерацијата на кик-боксот беше прогласена за спортист на годината.
Второто место на најдобрите сениори за оваа година му припадна на Саше Јанкуловски од РК „Пелистер”, еден од најдобрите во клубот и носител на играта.
Фудбалерот на ФК „Пелистер”, Марјан Алтипармаковски, се најде на третата позиција на листата, зашто се сметаше за еден од најдобрите фудбалери на битолската фудбалска екипа.
Теодора Секуловска од КГС „Партизан” беше најдобра во Македонија и претставуваше голема надеж не само на битолската, туку и на македонската гимнастика.
Петти беше голгетерот на ФК,,Пелистер”, Драган Димитровски. Беше најдобар стрелец со постигнати сто голови.
Планинарите на ПСД „Пелистер”, Игор Радичовски и Петар Нолев, го поделија шестото место откако зад себе оставија успеси, освојувајќи многу познати врвови низ светот.
За најуспешни сениорски екипи беа прогласени:
- РК „Пелистер” за освојувањето на третото место во Челинџ -купот.
- КГС „Партизан за сознанието дека се претвори во носител на гимнастичките активности во Македонија, и без конкуренција, години со ред, е најдобар клуб во гимнастика.
- Танцов клуб „Степ” за освоеното трето место на натпревар во Франција и други резултати на домашната и на меѓународната сцена.
Фактот дека на ранг – листата се најдоа само шест спортисти доволно говореше дека квалитетниот сениорски спорт во Битола заостанува и е во видлива криза. Наспроти него, на сцената беа младите спортисти кои трагаа по успеси и афирмација.
За најдобар јуниор беше прогласен Христијан Илиовски, мото кросист кој зад себе ги имаше следните резултати: први места во Грција, Македонија, Турција и Србија. Севкупен победник на Источна Европа.
На листата на најдобрите јуниори потоа следуваа:
- Ристо Силјановски – кик-бокс
- Филип Макаловски- џудо
- Иван Крстевски ( гимнастика)
- Мартин Ивановски (стрелаштво)
- Д. Кимовски – М. Крстевска ( танци)
- Велимир Петровски ( џудо)
- Оливер Котевски (боди-билдинг)
- Александар Жоглев (карате)
- Марјан Нашоку ( скијање)
- Јулијана Саламовска ( гимнастика)
- Ема Трајковска ( карате)
- Кристијан Бошевски (атлетика)
- Драган Думевски (тенис)
За најдобри млади екипи беа прогласени:
- ФК „Пелистер”, освојувач на Купот на Македонија
- СК РЕК „Битола” – државен првак во стрелаштво
- КК “Младост” со освоеното трето место на меѓународен турнир во Франција.
За најдобри педагози беа прогласени:
Милена Стојковска и
Марија Котевска
Титулата најдобар спортист од Сојузот за спорт и рекреација на инвалиди повторно й беше доделена на сестраната спортистка и учесничка на бројни натпревари во Републиката и странство, Вергита Сули.










