Кире Лазаров – ракомет – најдобар меѓу најдобрите во Битола за 1999 година

(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)


1999 – И КИРЕ ЛАЗАРОВ СТИГНА ДО ПРВОТО МЕСТО

За спортист на Битола за 1999 година беше избран ракометарот Кире Лазаров. За најуспешна беше прогласена екипата на „Пелистер – Жито Ко”. Димитар Илиевски – Мурато беше прогласен за спортист на векот. Александар Витанов го доби признанието најуспешен млад спортист, а посебно признание му беше доделено на Ѓорѓи Марковски.

Сојузот на спортови и оваа година, мошне успешно, ја организира традиционалната манифестација Избор на десетте најдобри спортисти. На свеченоста, покрај големиот број спортисти и спортски работници од Битола, присуствуваше и заменик министерот за спорт и млади на Р. Македонија, спортската легенда Шабан Сејдиу, и генералниот секретар на Сојузот на спортови на Скопје, Ѓорѓи Кузмановски. Манифестацијата се одржа во хотелот „Битола” при крајот на 1999 година.

Ранг-листа на најдобрите спортисти за 1999 г.

  1. Кире Лазаров (ракомет)
  2. Горан Пановски (мотоциклизам)
  3. Александар Стојановски (скијање)
  4. Димитар Капинковски (фудбал)
  5. Гоце Талевски (кошарка)
  6. Мери Спировска ( скијање)
  7. Владимир Јадровски (стрелаштво)
  8. Александар Трајковски (тенис)
  9. Христина Мурговска (гимнастика)
  10. Сакип Мухединов (бокс)

За најуспешни екипи беа прогласени:
РК „Пелистер – Жито Ко”
ФК „Пелистер”
СК „Пелистер”

Управниот одбор на Сојузот на спортови-Битола, откако ги разгледа кандидатурите од клубовите, одлучи признанието спортист на Битола за 1999 г. да му го додели на големата надеж на македонскиот ракомет и моментно еден од најдобрите ракометари на „Пелистер – Жито Ко”, Кире Лазаров, кој со своите игри и реализаторски способности, без сомнение, е еден од најдобрите ракометари во Битола и Македонија – стоеше во образложението соопштено при одржувањето на манифестацијата.

На второ место на ранг-листата на десетте најдобри спортисти на Битола за 1999 г. се најде мотоциклистот Горан Пановски, којшто оваа година, во класата до 250 куб., го освои второто место во генерален пласман и беше еден од најдобрите мотоциклисти на ридско-планинските трки.

Третото место го освои олимпиецот и еден од најдобрите скијачи на СК „Пелистер”, Александар Стојановски.

И покрај тоа што битолската кошарка е во длабока криза, сепак, со своите извонредни игри во сегашниот состав на КК „Пелистер” особено се истакнува Гоце Талевски, кој се најде на петтото место на листата на најдобрите спортисти за 1999 г.

Младата и докажана скијачка на СК „Пелистер”, Мери Спировска, го освои шестото место.

На седмо место се пласира стрелецот на „Сокомак”, Владимир Јадровски.

Александар Трајковски, тенисер на ТК „Битола”, го освои осмото место.

Деветта беше младата гимнастичарка на ДТВ „Партизан”, Христина Мурговска.

Десеттото место му припадна на боксерот на „Пелистер”, Сакип Мухединов.

Наградите на најдобрите спортисти им ги врачи градоначалникот на Битола и претседател на Сојузот на спортови, Силјан Мицевски.

На свеченото прогласување на најуспешните спортисти и спортски екипи на Битола за 1999 г. беа прогласени и најуспешните надежи и млади таленти.

За најуспешен млад спортист за оваа година беше прогласен скијачот на „Пелистер”, Александар Витанов. Втора беше Талија Христова, а младиот џудист Никола Талевски се најде на третото место.

Посебно признание му беше доделено на мошне добриот скијач Ѓорѓи Марковски за освоеното прво место на неофицијалното светско првенство што се одржа во тополино италија.

Исто така, посебно признание ѝ беше доделено и на стрелецот Оливера Наковска.

За спортист на векот, постхумно беше прогласен легендата на македонскиот алпинизам и освојувачот на Монт Еверест, Димитар Илиевски – Мурато.