Игор Николовски – ракомет – најдобар меѓу најдобрите во Битола за 2003 година

(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)


2003 – И ИГОР НИКОЛОВСКИ СТИГНА ДО ВРВОТ

За спортист на Битола за 2003 година е избран ракометарот на “Пелистер – МБ”, Игор Николовски. Неговата екипа, исто така, беше прогласена за најуспешна.
Изборот на најдобрите спортисти за 2003 г., во организација на Сојузот на спортови, се одржа на 12 декември истата година.

Ранг-листа на најуспешните спортисти за 2003 г.

  1. Игор Николовски (ракомет)
  2. Петар Ангелов (ракомет)
  3. Елена Сивакова ( гимнастика)
  4. Јелена Маја Николиќ ( џудо)
  5. Александра Трајковска (ракомет)
  6. Елена Лазаревска ( атлетика)
  7. Славчо Милошев ( стрелаштво)
  8. Павле Адамовски (карате)
  9. Цане Демиров (бокс)
  10. Владе Петковски ( фудбал)

Ракометарот на „Пелистер-МБ”, Игор Николовски, стандарден првотимец на битолскиот супер лигаш. Член е на сениорската репрезентација на Македонија И важи за исклучително борбен и пожртвуван играч.

Од редовите на РК „Пелистер-МБ” повторно на второто место се најде голманот Петар Ангелов, кој неколку сезони е успешен голман на битолскиот супер лигаш.

Елена Сивакова, од ДТВ „Партизан”, и оваа година докажа дека спаѓа во редот на исклучително добрите гимнастичарки во Битола и Македонија. Во витрините ја смести титулата државен првак во категоријата јуниорки, а во мошне силната конкуренција на Балканскиот јуниорски шампионат го освои 28 место.

Јелана Маја Николиќ продолжи и оваа година со успешните настапи во џудо спортот иако е на почетокот од својата кариера. Во оваа година стана државен првак и освои трето место на меѓународен натпревар.

Александра Трајковска е ракометарка на „Пелистер Металец” и припаѓа на генерацијата ракометарки кои помогнаа неодамна обновениот клуб да се најде во супер лигашката конкуренција.

Елена Лазаревска, од АК „Олимп”, е редовна учесничка на сите атлетски натпревари во Македонија и на меѓународен план. Во Истанбул освои трето место на Европското првенство, а на Балканското првенство се најде на осмото место.

Славчо Милошев е член на градскиот стрелачки клуб „Пелистер”. Успешно учествува на градските, општинските и републичките првенства. Годинава стана државен првак BO стрелање со воздушна пушка.

Павле Адамовски е член на КК „Студент”. Иако има 19 години, на мошне квалитетниот меѓународен натпревар во Белград го освои второто место.

Цане Демиров е боксер на БК „Битола”. Му припаѓа на познатото боксерско семејство – Демирови. Иако релативно млад, сепак, е одлучен да ги продолжи традициите на семејството. На неодамна одржаното државно првенство за јуниори го освои второто место.

Владе Петковски е член на ФК „Новаци”. Оваа екипа долги години опстојува во второлигашката конкуренција благодарение на ентузијасти од калибарот на Владе Петковски.

За најуспешни екипи во 2003 г. беа прогласени:

РК „Пелистер-МБ”, машка битолска супер лигашка екипа која, иако игра во тешки услови, сепак, ја продолжува традицијата како една од најуспешните екипи не само во Битола, туку и во Републиката.

ДТВ „Партизан” во годините наназад дава спортисти кои ја пренесуваат славата на спортска Битола. Моментно актуелна е женската гимнастика по што e познат и доминантен во Македонија.

Скијачкиот клуб „Пелистер” во годините наназад, а и сега, значи за носител на активностите на снежните патеки во Македонија иако во последниве години временските услови не се наклонети. За 2003 г. е севкупен државен првак и организатор на првиот ФИС натпревар на Пелистер.

Надежни спортисти:

Благојче Цветковски – скијач на СК „Пелистер”.
Ана Стојчева и Валентино Апостоловски – танцова двојка од ТК “Степ”.
Маргарита Шипинкарова – гимнастичарка на „Партизан”.

За најдобар тренер беше прогласен Никола Гемтовски, којшто успешно како тренер ја води битолската скијачка екипа. Гемтовски е селектор и на пионерската скијачка репрезентација.

Посебни признанија им беа доделени на:
Од Сојузот за спорт и рекреација на инвалиди од Битола – Благоја Стерјовски, истакнат долгогодишен сестран спортист кој што, сепак, најдобри резултати оствари во натпреварите во стрелање со воздушна пушка и пинг-понг.

Одделението за спортска медицина при Медицинскиот центар Битола кое години со ред се грижи за здравјето на спортистите, организирајќи редовни лекарски прегледи и контроли со присуството на лекарите на редовните спортски натпревари.

Признание му беше доделено и на новинарот Петар Ставрев за сценариото на документарниот филм посветен на алпинистот Димитар Илиевски-Мурато.

Признанија, исто така, им беа доделени и на педагозите по физичко воспитување Борче Стојановски и Борис Јагоридовски, како и на ЖКК „Пелистер”, КК „Пелистер” и ТК „Степ” за успешни активности и остварени резултати во 2003 г.