(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)
1995 – ТРИУМФ НА СТЕВЧЕ СТЕФАНОВСКИ
За спортист на Битола за 1995 година беше прогласен, без сомнение, тогаш, еден од најдобрите ракометни голмани на Битола и Македонија, Стевче Стефановски, а за најуспешна екипа РК „Пелистер Еврокар”. За заслужен активист признание доби сестраниот спортист Крсте Крстевки.
Изборот на најдобрите спортисти на Битола за 1995 година, во организација на СОФК-а, се одржа на крајот од декември истата година во хотелот „Битола”, во присуство на голем број спортисти и спортски работници и со богата културно-уметничка програма.
Титулата спортист на годината на Стевче Стефановски, голман број еден и на битолската екипа и на репрезентацијата на Македонија, му беше доделена едногласно, зашто беше еден од најзаслужните што и „Пелистер Еврокар” и репрезентацијата постигнаа значајни резултати во текот на 1995 г. на домашната и на меѓународната ракометна сцена.
Второто место му припадна на Никола Митревски, ракетен моделар. Митревски е државен првак за 1995 г. и вицешампион на Европа, титула што ја здоби на европското првенство што се одржа во Словачка. Митревски е член на екипата што ја освои и титулата европски првак.

На трето место се пласира кошаркарот Зоран Петковски, капитен на кадетската репрезентација на Македонија којашто на европското првенство за кадети го освои четвртото место.
На 4-то место се најде младиот скијач на „Пелистер”, Никола Марковски, кој без конкуренција, беше најуспешен скијач во тековната година во Македонија. Од осум трки победи на шест, а беше и севкупен победник во велеслалом.
Петтото место му припадна на Ѓорѓи Ѓеорѓиевски од џудо клубот „Пелистер” којшто во категоријата до 60 кг. ја освои титулата државен првак.
Соња Митревска од АК „Олимпија”, неприкосновена на кусите патеки во Македонија, се најде на шестото место.
Младиот и талентиран гимнастичар на ДТВ „Партизан”, Сашо Јосифовски, го освои седмото место.
Ракометарката на „Пелистер Тат”, Елеонора Маринковиќ, се пласира на осмото место. Беше стандардна првотимка и носител на играта на својата екипа.
Кошаркарката Жана Клочевска години со ред беше меѓу најдобрите кошаркарки на Битола. Оваа година се најде на деветтата позиција.
Десетти беше автомобилистот Владе Николовски. Неколку години со ред беше еден од најзабележливите автомобилисти и вљубеници во брзината во Битола и Македонија.
Посебни признанија им беа доделени на младиот боксер на БК „Битола”, Илче Радевски и на Слободан Лазаревиќ.
Признанието заслужен спортски активист го доби Крсте Крстевски, сестран спортист и познат фудбалски судија во Македонија и на просторите на Југославија.
За најуспешни спортски екипи беа прогласени:
1.РК,,Пелистер Еврокар” којшто во 1995 г. доминираше не само на домшната ракометна сцена, туку и на меѓународен план. Со пласманот во четвртфиналето на Купот на националните куп победници оваа екипа го оствари својот најголем успех во долгата историја.
2.РК „Пелистер Тат”. Во оваа националните куп победници доживеа меѓународна афирмација.
- СК „Пелистер”. Оваа екипа, и оваа година, доминираше на скијачките патеки во Македонија.

Десетте најдобри за 1995 г.
- Стевче Стефановски ракомет
- Никола Митревски-ракетно моделарство
- Зоран Петковски-кошарка
- Никола Марковски-скијање
- Ѓорѓи Ѓеорѓиевски-џудо
- Соња Митревска-атлетика
- Сашо Јосифовски-гимнастика
- Елеонора Маринковиќ-ракомет
- Жана Клочевска-кошарка
- Владе Николовски-автомобилизам





