Васко Стојановски – атлетика – најдобар меѓу најдобрите во Битола за 1975 година

(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)


1975
НА ВРВОТ ПАК АТЛЕТИЧАР – ВАСКО СТОЈАНОВСКИ

За спортист на Битола за 1975 година беше прогласен атлетичарот Васко Стојановски. Повеќето од спортистите на оваа ранг-листа беа млади и нови, но многу надежни и перспективни.

Изборот на најуспешните се изврши на 27-ми декември, во ресторанот „Битолафер”, во присуство на голем број спортисти, спортски работници и други граѓани. Комисијата, и оваа година составена од добри познавачи на спортските прилики во градот, одлучи за најдобар спортист за 1975 година да биде прогласен атлетичарот Васко Стојановски. Покрај резултатите, ценејќи ги и другите особини кај спортистите, на ранг-листата се најдоа:

  1. Васко Стојановски (атлетика)
  2. Драган Станоевски (падобранство)
  3. Мирјана Аџикарчева (ракомет)
  4. Зорица Пејчинова (ракомет)
  5. Никола Гемтовски (скијање)
  6. Симе Ѓеоргиевски (атлетика)
  7. Благој Мицковски (фудбал)
  8. Стево Георѓиевски (стрелаштво)
  9. Спасе Ристевски (фудбал)
  10. Благој Бошевски (пинг-понг)

Среднопругашот Васко Стојановски во 1975 година постави нов македонски рекорд на 1.500 м., кој не беше соборен цели пет години и оправдано, без конкуренција, се најде на првото место на ранг-листата на најдобрите спортисти на Битола. Овој рекорд Стојановски успеа на двапати да го поправи. Инаку, овој атлетичар на АК „Олимпија” беше постојан член на македонската атлетска репрезентација. Во текот на 1975 г., покрај постигнатиот извонреден резултат, учествуваше и на повеќе меѓурепублички и државни првенства, остварувајќи солидни резултати.

Втор беше републичкиот првак во падобранство за 1975 година Драган Станоевски. Во тековната година беше најуспешен падобранец на Битола и Македонија. Станоевски стана член и на македонската репрезентација која учествуваше на државното првенство во Лесковац.

Најуспешна женска екипа во оваа година беше РК „Пелагонија”, а најзаслужни беа ракометарките Мирјана Аџикарчева и Зорица Пејчинова кои се пласираа на третото, односно на четвртото место. И двете беа земени предвид за состав на македонската репрезентација.

Никола Гемтовски, атлетски градено момче, со сигурноста што ја демонстрираше на скијачката патека бргу го привлече вниманието врз себе. Се зборуваше дека Љупчо Спировски веќе има достојна замена. Во 1975 г. (корегирана година од 1957) на тримечот помеѓу Македонија – Србија и Црна Гора, на Копаоник, беше втор во велеслалом. На републичкото првенство во алпски дисциплини во Маврово беше прв во велеслалом, а на меморијалот „Флејта – Чанак”, на Попова Шапка, беше прв во слалом и велеслалом. И во Крушево беше прв во слалом.

На шестото место се пласира уште еден атлетичар – Симе Ѓеорѓиевски, македонски репрезентативец во сениорска конкуренција, којшто во оваа сезона постави нов републички рекорд на 10 илјади метри во спортско одење. По него следуваше Благој Мицковски, од редовите на ФК „Пелистер” кој, иако повреден, играше на сите средби и помогна во остварувањето на заедничката желба „Пелистер” да остане во лигата.

Пионерот Стево Ѓеорѓиевски од Мегленци, ученик во основното училиште во Суводол, во оваа година беше еден од најдобрите стрелци на општинските и републичките првенства.

Спасе Ристевски, десното крило на „Пелистер”, беше еден од најдобрите поединци во својата екипа. Се истакна со вештите дриблинзи и центаршутевите, како и снаодливоста пред противничките голови. Ова, Ристевски повторно го донесе на ранг-листата на најуспешните спортисти на Битола.

Еден од најдобрите пингпонгари, кои ги бранеа боите на „Пелагонија”, беше младиот и перспективен спортист Благој Бошевски. Во оваа година за својата екипа настапи на 11 првенствени натпревари и од 33 партии изгуби само 4 што, бездруго, кажува дека станува збор за надарен пингпонгар. На младинските игри во Земун го освои првото место во поединечна конкуренција, а во екипна конкуренција беше трет.