(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)
1992 – ВЕСНА ДУНИМАГЛОВСКА СПОРТИСТ НА БИТОЛА И ЗА 1992 ГОДИНА
Ова признание Весна Дунимагловска го доби по учеството на Олимпијадата во Абвервил. За најуспешна екипа беше прогласена екипата на РК „Пелистер”. Изборот, при крајот на декември 1992 г., го организира СОФК-а.
Во 1992 година Македонија чекореше целосно кон самостоен живот. Беа отпечатени првите наши пари, ТАТ беше тема меѓу штедачите, а на натпреварот во Битола меѓу „Пелистер” и „Вардар” за малку не се случи поголем инцидент меѓу навивачките групи „Чкембари” и „Комити”. Во такви услови, како „мевлем на рана” дојде сознанието дека скијачката Весна Дунимагловска стана првата битолчанка која учествуваше на Олимписки игри.
Ранг-листа на десетте најдобри спортисти за 1992 г.
- Весна Дунимагловска (скијање)
- Стевче Стефановски (ракомет)
- Ванчо Мицевски ( фудбал)
- Златко Симјановски ( кунг-фу)
- Роберт Николовски (атлетика)
- Александар Стојановски ( скијање)
- Оливер Котевски ( кошарка)
- Јордан Велевски ( автомобилизам)
- Садат Јашаров (бокс)
- Даниела Силјановска ( гимнастика)
Три најуспешни екипи во 1992 г.
- РК „Пелистер”
- Младинска екипа на ФК „Пелистер”
- Стрелачка дружина „Нишан” с. Буково
Изборот на десетте најдобри спортисти го изврши комисија на СОФК-а составена од спортски работници и спортски новинари, но за разлика од годините што поминаа, овојпат, имајќи ги предвид условите – скромно и без многу помпеза.
Весна Дунимагловска немаше конкуренција при изборот за најдобра. Нејзиното учество на Олимписките игри во Абвервил беше доволен повод за пласман на првата позиција на листата на најдобрите. Дунимагловска беше првата македонска олимпијка. Пласманот што таа го оствари на игрите во Абвервил претставува досега најголем успех на македонското скијање.
Весна Дунимагловска при изборот на најдобрите спортисти на Македонија за 1992 година, што го исзвршија редакциите на СКОК и МТВ, се најде на десеттото место.
На второто место на ранг-листата на најдобрите спортисти на Битола се пласира голманот на РК „Пелистер”, Стевче Стефановски. Стефановски во оваа година ја доживеа својата втора младост. Со своите одбрани беше столб во екипата и е еден од најзаслужните за успехот што го постигна „Пелистер” во првенството, во кое без ниту еден пораз, го освои првото место и есенската титула.
Првиот стрелец на ФК „Пелистер”, Ванчо Мицевски, се пласира на третото место. Ванчо Мицевски, како што навивачите го викаа, мистер гол”, со постигнатите 12 гола беше на врвот на листата на најдобрите стрелци во Републиката. Под раководството на тренерот Кире Груевски ја доживеа својата ренесанса.
Златко Симјановски е еден од помладите членови на кунг- фу клубот „Битола”. Убедливо го освои првото место во својата категорија на државното првенство.
Младиот атлетичар Роберт Николовски го освои петтото место. Голема надеж на битолската атлетика и со време од 10,9 секунди на 100 м. го стекна прекарот „Битолски Луис”.
На шестото место на ранг-листата се пласира скијачот на „Пелистер”, Александар Стојановски. Во својата категотрија Стојановски беше победник на сите шест трки што се одржаа во слалом и велеслалом на коишто тој учествуваше.
Кошаркарот на „Младост Бимет”, Оливер Котевски, се најде на седмото место. Котевски ова место го освои сосема заслужено, зашто претставуваше мотор на екипата и е еден од најзаслужните за успесите што ги постигнува екипата на „Младост Бимет” во Првата македонска кошаркашка лига. энцефон
Осмото место го освои автомобилистот Јордан Велевски. Велевски претставува легенда на битолскиот автомобилизам. И покрај проблемите што го следеа, тој оваа година постигна солиден успех на петте одржани трки на кои се бодува за првак на Македонија.
Седат Јашаров, боксер на „Пелистер”, се пласира на деветтото место. Јашаров на државното јуниорско првенство на бивша Југославија, што се одржа во Панчево, ја освои титулата Државен првак.
Десетта беше младата гимнастичарка Даниела Силјановска. Таа е најзаслужна што во оваа година ги постигна битолската женска гимнастика. Беше убедливо најдобра на сите турнири што се одржаа во Дојран и Кочани.








