Битола доби нов Пелистер: Пријавен женски фудбалски клуб во Првата лига

Битола добива уште еден прволигаш, бидејќи на спортската мапа се појавува ЖФК Пелистер.

Со овој потег, клубот отвора ново поглавје во својата историја и го проширува своето спортско семејство, со цел да придонесе за развојот и афирмацијата на женскиот фудбал во Битола и Македонија.

Од клубот најавуваат дека ЖФК Пелистер ќе работи со фудбалерки во повеќе возрасни категории, создавајќи услови за нивен правилен спортски развој и напредок. Покрај младинските селекции, уште од првата сезона ќе биде формирана и сениорска екипа.

Женскиот тим на Пелистер ќе се натпреварува во Првата женска фудбалска лига на Македонија, со што Битола повторно ќе има свој претставник во најсилната конкуренција. Во новата натпреварувачка сезона Пелистер ќе се натпреварува во елитата на женскиот фудбал, откако го презеде местото на новиот прволигаш Конзули. Така во Битола со здружени сили ќе се работи за развој на женскиот фудбалски клуб и афирмација на талентите.

Од Пелистер посочуваат дека формирањето на ЖФК Пелистер е дел од стратегијата за понатамошен развој на клубот и уште еден чекор кон создавање современа и добро организирана фудбалска средина, која ќе им овозможи на девојките да се развиваат и да го покажат својот потенцијал.