Бошковски: Можеме против секого, верувам дека среќата сега ќе биде на наша страна

Попладнево Пелистер го пречекува Силекс во Битола, во натпревар кој има огромна тежина за домашниот клуб. Конкурентите од борбата за опстанок, Македонија ЃП и Тиквеш славеа победи над Работнички односно Арсими, со што уште еднаш се покажа дека со исклучок на првите две екипи, во останатите мечеви речиси секој може секого да победи. Со тој лајт мотив и битолчани влегуваат во дуелот против Силекс, осоколени од добрата игра (особено во второто полувреме) на последниот натпревар против Шкендија.

„Во Тетово среќата не беше на наша страна, но се надевам дека денес ќе одиграме на исто ниво. Подготвени сме максимално за денешниот натпревар, покажавме дека можеме да се надигруваме со секого. Го анализиравме противникот и ќе се обидеме со пристап во кој ќе покажеме максимална ангажираност и борбеност, со цел да освоиме три бода и да ја израдуваме битолската публика и нашиот дванаесетти играч – „Чкембарите“, вели Филип Бошковски.

Пелистер и Силекс се стари прволигаши и нивните дуели се профилираат во вистински дерби мечеви од ПМФЛ. Битолчани последен пат славеа против Силекс на стартот од сезоната во 2024/25 кога го совладаа фаворизираниот тим со 1-0. На домашен терен имаат загубено во пријателски мечеви и во Купот, но во првенството последен пат биле поразени дури во 2020 година.

Натпреварот ќе започне во 16:00 часот и ќе се игра под рефлектори на спортскиот комплекс „Петар Милошевски“.