Започна „Зелениот караван“ – иницијатива со манири и стил на ФК Пелистер!

Со манири на голем клуб, битолски Пелистер лансираше нова иницијатива. Љубовта кон својот клуб се гради од најмали нозе. Затоа од битолскиот клуб одлучија да бидат поблиску до децата, да се дружат со нив и да им овозможат одблизу да го запознаат клубот за кој еден ден можеби ќе настапуваат, ќе ги остваруваат своите соништа и ќе ги бранат зелено-белите бои.

Со „Зелен караван“, ФК Пелистер тргна во посета на основните училишта во Битола и околните населени места, со цел да им го приближи клубот на најмладите генерации и да ги мотивира да веруваат во себе, да спортуваат и да ги следат своите соништа.

Дружење и запознавање со фудбалерите на Пелистер, како дополнителна мотивација за секое дете, билети за натпреварите на Пелистер, организиран превоз до стадионот и посета на просториите на стадионот „Петар Милошевски“.

Првата станица на новата иницијатива беше ООУ „Браќа Миладиновци“ во село Добрушево, Општина Могила. Стефан Спировски, Мартин Мирчевски и Натаниел Димовски беа дел од првата посета, исполнета со насмевки, дружење и љубов кон фудбалот.

Фудбалерите се запознаа со учениците, разговараа за важноста на фудбалот и спортот, но и за значењето на Пелистер – клуб кој не е само симбол на Битола, туку и на целата околина и на сите генерации што сонуваат и растат со нашите бои.

Децата имаа можност одблизу да ги запознаат нашите фудбалери, да видат дел од нивните фудбалски вештини, да добијат автограми и, секако, да добијат билети за средбата од Купот на Македонија во среда, Пелистер – Силекс.