Малешевиќ: Одиме на триумф против ТФТ, паузата беше добредојдена

Репрезентативната пауза е зад нас, па Пелистер се враќа на обврските во македонската Супер-лига, каде моментно се наоѓаме на второто место на табелата. Календарот вели дека прв ривал на Пелистер по паузата ќе биде ТФТ, тим што моментно е лидер на табелата, мотив плус за „зелено-белите“ со добра игра и победа да ги потврдат високите амбиции за оваа сезона.

Никола Малешевиќ е свесен дека пред Пелистер нема да биде нималку лесна задача, но верува дека овој тим ќе се прикаже во добро светло и ќе стигне до посакуваниот триумф.

„Пред нас е тежок дуел против лидерот на табелата, вистинско дерби кое е мотив плус за сите во Пелистер. ТФТ е тим што е добро покриен на сите позиции, играат квалитетна и брза кошарка сезонава. Ние сме во серија на не така добри резултати, но паузата од две недели ни беше добредојдена, имавме време да се регенерираме и максимално да се подготвиме за овој дуел. Очекувам добра кошарка од двете страни и се надевам на наша победа на крајот“, истакна Малешевиќ, кој и сезонава е еден од клучните играчи во зелено-белиот табор.

Дуелот меѓу Пелистер и ТФТ Скопје се игра в сабота од 19:00 часот.