Кошаркарите на Пелистер го претрпеа четвртиот пораз во шест натпревари од Суперлигата. Вечерва од Битола со бодовите се замина ГКК Штип, кој славеше со 87-92.
Штипјани имаа резултатска предност во најголемиот дел од натпреварот, но Пелистер не се предаваше и во возбудливата завршница успеа да направи пресврт. Со тројката на Кочовиќ, битолчани поведоа со 87:86 и најавија можен триумф, но гостите имаа подготвен одговор.
Американецот Пал се надмина себеси. Најпрво реализираше по офанзивен скок за водство од 88-87, потоа погоди две слободни фрлања, а Димчевски од линијата за слободни фрлања ја потврди вредната гостинска победа од 87-92.
Кај Пелистер, Кочовиќ постигна 24, а Вилсон 17 поени.





