Битолски Пелистер забележа пораз во последниот контролен натпревар во пресрет на вториот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига.
Во пелагониското соочување со второлигашот Новаци, „зелено-белите“ беа поразени на гостински терен со 2-1 (1-1). Автори на победата на Новаци беа Стефан Јовановски и Лука Лусолајски, додека единствениот погодок за прволигашот го постигна младиот Мурговски во финишот од првиот дел.
Треба да се напомене дека Пелистер на овој натпревар настапи со комбиниран состав, поточно тренерот Милан Стојановски им даде шанса на играчите кои што имаа помала минутажа во подготовките. Не настапи ниту еден фудбалер кој играше пред два дена против Преспа.
Во првото пролетно коло Пелистер в четврток на свој терен ќе го пречека тимот на Работнички. Втората лига продолжува за две недели, а Новаци гостува во Прилеп против Победа.





