Останувањето на спонзорот „Таскфорс“ клуч за иднината на КК Пелистер

Еден од најдобрите клубови во државата, Пелистер од Битола, одржа прес-конференција во пресрет на втората фаза од Суперлигата на која раководството стави силен акцент на улогата на „Таскфорс“ и сопственикот на оваа компанија, Ацо Додовски, во менаџментот на клубот.

Оперативците во клубот отворија сериозни прашања за наследените долгови од претходното раководство, како и за спортските амбиции и развојот на клубот.

„Компанијата „Таскфорс“, и пред да влезе во клубот, одигра огромна улога преку „раситнување“ на ваучерот, иако тоа не беше негова обврска. Со тие средства се покри голем дел од затекнатите долгови од претходното раководство и клубот беше стабилизиран. Станува збор за човек кој во клучен момент застана зад Пелистер и помогна кога беше најпотребно.

Имам впечаток дека на некого му пречи што клубот конечно е поставен на здрави основи. Наместо поддршка, се создава негативна атмосфера во момент кога треба единство“, рече спортскиот директор Марјан Илиевски.

Според официјалните податоци, Општина Битола учествува со 250.000 евра, компанијата „Таскфорс“ со околу 100.000 евра, а вкупниот буџет е нешто под 400.000 евра. Договорот со „Таскфорс“ истекува за неполни два месеци, а засега нема официјални разговори за негово продолжување. Од клубот апелираа дека би било сериозна загуба ваков партнер да се повлече.