Пелистер го надигра Охрид и изби на врвот, гостински три бода освои Новаци

Започнаа натпреварите во колото во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ), а во двете дербија кои беа на денешната програма, видовме победник.

Екипата на Работнички во дуелот на некогашните шампиони во мак-фудбалот ја порази Македонија Ѓорче Петров како гостин со резултат 1-0. Единствениот гол падна во второто полувреме, а стрелец беше Андреј Кудијан.

Триумфира и Пелистер, кој на неутрален терен во Новаци беше подобар од ГФК Охрид исто така со 1-0 и на „рибарите“ им го нанесе првиот пораз во новата сезона. Голот за победа „зелените“ го дадоа во првото полувреме, стрелец беше Стојанов во 40. минута.

Натпреварот помеѓу екипите на Тетекс и ГФК Осогово заврши со резултат 0-0, идентично беше и на средбата меѓу Еуромилк и Беласица од Струмица. Три бода освои Новаци на гостувањето кај Кожув во Гевгелија (1-0), со идентични 1-0 славеше и Камјани против Детонит Плачковица на последниот меч на Бурхан Емурлаи.

На табелата лидер е Пелистер со 14 бода, но и меч повеќе од второпласираниот ГФК Охрид кој има 11 бода. Следи Брера Струмица со десет бода, исто колку што има и Беласица. Работнички со победата дојде до бројката од девет бода.