
На крајот од преодниот рок ФК Пелистер го засили офанзивниот дел од тимот со искусен интернационалец. Од денес наш нов член е Петар Петковски, напаѓач со репрезентативно педигре во младинските категории и фудбалер кој се враќа во македонскиот шампионат по романското искуство.
28-годишниот Петковски во Македонија настапуваше за Вардар и Работнички, а во Романија ги носеше дресовите на Ботошани и Конкордија. Настапуваше за сите младински категории на националниот тим и веќе со себе има акумулирано искуство на македонската фудбалска сцена.
Петковски може да игра на сите позиции во нападот и ќе биде големо засилување за аспирациите на Пелистер оваа сезона. Тој веќе ги мина лекарските прегледи и денес беше официјално претставен пред јавноста. Веднаш ќе им се стави на располагање на тренерот Димитар Капинковски и стручниот штаб. Неговото деби се очекува на 14 септември против Арсими во натпреварот од четвртото коло на Првата фудбалска лига.





