Победнички старт на пелистерци, ТФТ Скопје совладан во Битола

Во последниот натпревар од првото коло на МТЕЛ Суперлигата, Пелистер на домашен терен стигна до победа над ТФТ so 78-70. Во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, двете екипи одиграа израмнет натпревар во кој победникот беше решен во самата завршница.

Домашниот тим подобро го отвори мечот и по првите десет минути имаше предност од четири поени – 20-16. „Бело-зелените“ во вториот период во неколку наврати имаа и шест поени позитива, но ТФТ не дозволи Пелистер да се одлепи. На полувремето се замина со само еден поен предност за битолчани – 38-37. Камерон Мекдауел беше меѓу најдобрите во домашниот состав во првото полувреме со 15 поени, додека на спротивната страна одлично одговори Сила, кој до паузата имаше 16 поени.

И продолжението донесе слична слика – борбена и израмнета игра, со чести промени во ритамот и без екипа која успеваше да создаде посериозна разлика. Пелистер во последната четвртина во неколку наврати имаше предност од пет-шест поени. Домаќините на две и пол минути до крајот водеа со 71-65, но ТФТ со серија од пет поени успеа да се врати во натпреварот и да намали на само еден поен – 71-70.

Сепак, Пелистер одговори во вистински момент, постигна неколку важни поени и повторно се одлепи на 76-70, со што го затвори натпреварот и стигна до победа на премиерата. Мекдауел го заврши натпреварот со 19 поени, седум скока и две асистенции. Капитенот Филип Сапунџиев постигна 14 поени и имаше шест скока, додека младиот Кириловски постигна 11 поени. Исто толку поени запиша и Си-Џеј Вилсон.

Кај ТФТ Скопје убедливо најефикасен беше Сила со 31 поен, девет скока и три асистенции. Вајт додаде 12 поени и седум скока.