Кога имате деведесет години континуиран ентузијазам, љубов, грижа и посветеност кон планината, зборовите не се потребни. Синоќа во свечената сала на Офицерски дом КИЦ – Битола се одржа свеченоста по повод 90 годишнината од формирањето на ПСК Пелистер.
Празнично на едно место во преполна сала, првите луѓе на клубот им доделија благодарници на истакнати луѓе, планинари и разни соработници, претставници на фирми и други соработници во знак на благодарност за соработката со клубот. На пригоден начин со видео обраќање манифестацијата и присутните ги поздрави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски. Во рамките на одбележувањето беше отворена и фотографска изложба од стотина фотографии на дваесет паноа, насловена како „Убавините на Пелистер“ на авторот и планинар Сашо Ставрев.
На оваа прослава беа присутни и претставници на други планинарски клубови од нашата земја како и од соседната Грција. За време на прославата беа претставени фотографии од искачувањата и достигнувањата на одредени планинари и членови на клубот преку видео снимен материјал. Чествувањето по повод 90-годишнината од постоењето на ПСК Пелистер продолжува утре вечер со презентацијата на д-р Сашко Кедев „14 x 8.000“, што ќе се одржи во НУ НТБ со почеток од 19:00 часот и ќе се заокружи во недела на 14 декември со манифестацијата „Денот на планината“ во соработка со ФПСМ и ЈУНП Пелистер со Планинарска пешачка тура од село Цапари до Инфо-центар на Националниот парк Пелистер.





