Реваз Чантурија во стручниот штаб на Ангеловски во Еурофарм Пелистер 2

Грузиската легенда и еден од најдобрите странци што играле на македонскиот ракомет, Реваз Чантурија, се враќа во Македонија. По три години и ангажманите во Германија и Косово, Грузиецот ќе работи во Еурофарм Пелистер 2 и ќе биде дел од стручниот штаб на Бранислав Ангеловски.

Вториот битолски тим отвори ново поглавје од ова лето, донесе неколку засилувања, а Ангеловски формираше и свој стручен штаб.

Чантурија во 2004 година дојде за првпат во Македонија како член на грузискиот тим Шевардени Тбилиси, која играше против Металург во ЕХФ Купот и остана цели 19 години. Шест сезони мина грузиското десно крило во Автокоманда, до 2010 година. Потоа настапуваше една сезона во Вардар, па една во Пелистер, пред да замине во Струмица, каде остана четири сезони.

Одново беше во Битола, таму мина три сезони, па по една во Струга и Металург, а во 2020 дојде во Прилеп. Во овој клуб беше меѓу најдобрите стрелци, а тогаш се проба и како тренер и му донесе опстанок во елитното друштво.