Словенката Ела Медвед потпиша за Пелистер волеј

Пелистер волеј продолжува активно да го засилува составот пред стартот на новата сезона, а најново име во редовите на клубот е словенечката одбојкарка Ела Медвед. Таа е шесто по ред засилување за екипата и доаѓа од словенечкиот клуб Брасловче.

Медвед која е родена во 2002 година игра на позицијата примач, а нејзиното искуство и интернационално реноме ќе бидат од огромно значење за битолскиот колектив. Од најмлади години таа остави силен впечаток на терените во Словенија, каде што со пионерската екипа освои бронзен медал, а со кадетската сребро.

Во сезоната 2017/18 беше дел од репрезентативниот состав на Словенија во квалификациите за Европското првенство, а учествуваше и во регионалната МЕВЗА лига.

Со ангажманот на Медвед, Пелистер волеј ја заокружува серијата од засилувања во пресрет на новата сезона. Претходно клубот од Битола веќе ги претстави Шиник Никол Мекги, Симона Стојановска, Ева Трпеновска, Алина Жевлакова и Мартина Николова.