Спортот во 2025: Битола останува најспортски град, ракометарите и боксерите доминантни

Битола уште еднаш докажа дека е лидер во македонскиот спорт. 2025 година само го зацврсти нашиот град на македонската спортска мапа. Посебно блеснаа ракометарите и боксерите, стадионот „Петар Милошески“ стана стадион од четврта категорија на УЕФА, а неколку клубови и организации прославија голем јубилеј.

Еве ја спортската рекапитулација на 2025 година за битолскиот спорт:

Ракомет

Еурофарм Пелистер имаше импресивна година. Првпат во историјата стана шампион на Македонија три години по ред. Кога сите го отпишаа тимот на Раул Алонсо славеше среде Скопје против директниот конкурент Вардар 1961 со 30-32 и предизвика лудило од емоции и големо славје во Битола. Кузмановски, Митревски, Манасков одиграа херојска недела во главниот град и со победи против Алкалоид и Вардар 1961 на гостински терен ги демантираа скептиците. Со оваа титула беше заборавен поразот во финалето на Купот на Македонија во Охрид, кога вардарци беа подобри и го однесоа Купот во Скопје. Затоа пак во септември, со Рубен Гарабаја на клупата, пелистерци во Кавадарци го освоија Суперкупот. Голот на Усама Хосни на неколку секунди до крајот беше одлучувачки во турболентниот и нервозен дуел во салата „Јасмин“. Во меѓувреме во сезоната 2024//05 битолчани одиграа значајна улога во Лигата на шампионите. Водени од Ангеловски, Шундовски и Раул Алонсо, ракометарите на Еурофарм Пелистер освоија осум бода и само заради перфектната пролет на Висла Плоцк не се пласираа во елиминационата фаза. Победени беа Динамо Букурешт, Висла Плоцк, Фредериција, а со реми исход завршија дуелите со данскиот вицешампион и Спортинг Лисабон во Битола. Во новата сезона, со Гарабаја како предводник, македонскиот првак освои четири бода по десет кола (победи над Загреб и ПИК Сегед), но шансите за осминафинале се сведени на минимум. Филип Кузмановски во изборот на федерацијата и Никола Митревски во изборот на навивачите на социјалните мрежи беа прогласени за ракометари на годината. Посебен блесок во 2025 година донесоа младите категории. Јуниорите на Еурофарм Пелистер стигнаа до завршниот турнир на Лигата на шампионите и во Германија го освоија четвртото место зад ГОГ Гудме, Веспрем и Барселона. Претходно во Букурешт, момците на Мемиќ и Митревски ги совладаа Киелце и Динамо Букурешт. Во македонските „фајнал-фор“ завршници, Еурофарм Пелистер беше кадетски шампион, а заврши како вицешампион меѓу пионерите и младинците.

Фудбал

ФК Пелистер имаше тешка година, во која успеа да ги оствари целите, но не доби целосна стабилност во втората сезона по враќањето во Првата лига. Во пролетниот дел на сезоната 2024/25 пелистерци обезбедија опстанок на три кола до крајот и завршија на седмото место. Сосема неочекувано Срѓан Захариевски беше сменет и на негово место дојде Димитар Капинковски. Замина и клупската управа на чело со Митко Стојковски и Општина Битола постави нови раководечки тела, на чело со Александар Стефановски. Иако добро почна и запиша две победи во првите три кола, Пелистер западна во голема криза во есенските месеци. Екипата падна на единаесеттото место и испадна од Купот на Македонија од Шкендија Арачиново. Сето тоа предизвика тренерска смена и на местото на Капинковски дојде Милан Стојановски. Победите против Шкупи и Брера и реми исходите со Македонија Ѓорче Петров и Арсими ги доведоа „зелените“ на деветтото место со 16 бода на крајот од есенскиот дел, со големи шанси за опстанок. Комплетно се смени играчкиот кадар од сезоната 2024/25 во тековната. Се врати Стефан Спировски, добра полусезона имаа Србите Булатовиќ и Белиќ, шанса добија и младите Мрмачовски, Крстевски, Стојановски… Сепак, впечаток е дека на тимот му треба квалитативен скок за мирна пролет. Клубот ја одби првата понуда за продажба, но интенција останува Пелистер да отиде скалило погоре и приватен капитал за влезе во клубот.

Кошарка

КК Пелистер се издвои како убедливо најорганизиран клуб во земјата, но резултатски ја имаше најлошата година во последните 5-6 години. Прво го загуби Суперкупот на Македонија од МЗТ Скопје, а потоа загуби од истиот тим во полуфиналето на Купот во Гевгелија. Во шампионатот имаше многу турболенции, си заминаа тренерите Петровиќ и Трајковиќ и со асистентот Дејан Илиевски битолчани како шестопласирани влегоа во плеј-офот. Интензивното и драматично четвртфинале против Работнички се решаваше во одлучувачкиот петти натпревар. Со тројката на Шошкиќ во последниот напад, до победата дојдоа центарци, а Пелистер првпат по пет години не влезе меѓу четирите најдобри екипи во лигата. Токму тој лош резултат значеше дека по три години пелистерци нема да играат во АБА2 лигата. Клубот се пријави за настап во ФИБА Лигата на шампионите и ФИБА Европа Купот, со што стана единствен македонски клуб во Европа. Одигра седум натпревари во неполни три месеци и доби само еден. Сепак, стекна големо искуство, и играчки и организационо. Играњето во Европа треба да биде тенденција и тренд и во иднина. По првиот дел од шампионатот 2025/26 битолчани се четвртопласирани зад ТФТ Скопје, МЗТ Скопје и Кожуф и најдоброто издание момците на Борче Даскаловски треба да го дадат напролет.

Одбојка

2025 година е историска за битолската одбојка. Пелистер волеј обезбеди промоција во Првата женска лига и веднаш креираше компетитивен тим. Со потпишувањето на договор со Општина Битола, клубот доби зголемен буџет и создаде компетитивен тим. Во летниот преоден рок тимот на Роберт Митковски се засили со Алина Жевлакова од Белорусија, Шајник МекГи од Соединетите Американски Држави и Ела Медвед од Словенија. Исто така беа доведени и Трпеновска и Николова. По есенскиот дел Пелистер волеј е шестопласиран, се наоѓа на средина од табелата, но впечаток е дека уште го бара својот ритам, својата вистинска игра и напролет ќе биде „нагазна мина“ за секој ривал. Радува и тоа што младите категории се меѓу најдобрите во земјата, а одбојката е убедливо женски спорт број еден од градот.

Бокс

Во очекување на својот нов дом, битолските боксери зад себе ја оставија најдобрата година во новиот милениум. Под „капата“ на тренерот Јове Петровски, членовите на Пелистерски јунак освоија серија на одличја. Најнапред екипно станаа шампиони на Македонија, па потоа браќата Рустемовски освоија медали од скоро сите шампионати и турнири на кои настапија. Ален Рустемовски е европски првак за боксери до 23 години, со што го оствари најголемиот успех на македонскиот бокс во модерната ера. Претходно суверено ја освои балканската титула, а настапи и на Светското првенство во Доха загуби во осминафиналето. Европски медали донесоа и Адријан Рустемовски (бронза на Европското првенство во Ереван) и Арабал Рустемовски (бронзен медал на Европското првенство во Нови Сад). Истата тројка се врати со три медали и од Балканското првенство во Јахорина. Ален беше златен, а Адријан и Арабел сребрени. Во ноември во Битола се одржа обновениот „Битолски победник“, на кој сите битолски боксери извојуваа победи, на задовоство на околу три илјади гледачи.

Златната „Марија“ се врати на голема врата!

Марија Димовска, се преплати на златни медали од големите натпреварувања. Годинава го освои првото место на италијанскиот Светски Куп во кик-бокс во Лидо Ди Јесоло. Димовска во финалето славеше над Хрватката Магдалена Токиќ 3-0. На Светскиот Куп учествуваат 1.987 натпреварувачи во 3.117 влезови од 46 земји од светот.

Мали спортови

Фудбалерките на ЖФК Топ Гол обезбедија опстанок во Првата женска фудбалска лига, а ЖФК Конзули се есенски прваци во Втората лига. ЖРК Пелистер се бори за опстанок во ракометната Суперлига и победите против Спартак будат оптимизам дека и догодина битолчанки ќе играат со најдобрите. Пинг-понгарите на Пелагонија се шестопласирани по есенскиот дел на шампионатот на Македонија, а младиот Главевски е најдобар во земјата меѓу своите врсници – кадети. Трчај бе имаше уште едно успешно издание, а АК Олимп во новата година ќе влезе со нова енергија, посилен тим и нагласени амбиции. Младата скијачка Ева Милевска заздрави по повредата и веќе минува базични подготовки. По подолг период членовите на СК Пелистер минаа организирани подготовки во Австрија, што е потег за поздравување. Одлична година имаа и кугларските клубови од градот и во двете конкуренции, а радува и напливот на млади куглари. Најдобриот македонски мото-крос возач, Христијан Илиоски го смени тимот и во 2026 година ќе вози за Triumph Racing, но тимот останува и понатаму МК Пелистер.

Битолски спортисти во другите клубови

Елена Тасевска, која ги брани боите на ЖКК Вардар, и оваа година е најдобра македонска кошаркарка, а Марија Јанкуловска од ЖРК Ѓорче Петров е ракометарка на годината во изборот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ). Ангела Јанкуловска со успех настапува во Чешка, а Ризовска е меѓу најдобрите во домашниот шампионат. Ракометниот тренер Борче Марковски ги замени Фарски Острови со Малта и ќе го развива ракометот во овој спорт.
Бојан Илиевски од Струга Трим Лум и Кристијан Трапановски од Хартс се единствени битолчани во фудбалската репрезентација на Македонија, а Михаил Талевски со два гола во финалето против Струга Трим Лум му донесе Куп-трофеј на Вардар. По враќањето во Македонија одлична полусезона во Силекс имаше Мартин Мирчевски, Марко Алчевски имаше добро деби во српскиот ОФК Београд, а по паузата заради болест во 2026 година пак се враќа на терените. Димитар Капинковски ја презеде У18 репрезентацијата на Македонија, а Ѓорѓи Христов стана спортски директор на младите репрезентации на нашата земја.

Спортски објекти

Стадионот „Петар Милошевски“ доби нов лик и пред стартот на квалификациите за Европското првенство за фудбалери до 21 година против Италија, доби дозвола од УЕФА и стана стадион од „четврта категорија“. Блеснаа рефлекторите, комплетно беа реновирани инсталациите на јужната трибина, стадионот доби нов модерен прес-центар и ВИП-простор, а реновирана е и северната трибина, која доби преку 4.000 нови столчиња. Со капацитет од преку 8.000 гледачи стадионот е модерен и со мали дополнувања во 2026 година ќе биде најубав и најфункционален стадион во Македонија. Партнерството на Општина Битола и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), како и целосната вклученост на ФК Пелистер донесоа уште една голема придобивка за битолскиот и македонскиот спорт. Мечот Македонија – Италија (репрезентации до 21 година) го следеа 6.000 гледачи, а перфектно беа организирани и натпреварите со Ерменија, Шведска и Полска. Во 2026 година Битола ќе добие нова сала за бокс и боречки спортови. Објектот е во изградба и се наоѓа пред стадионот „Петар Милошевски“. Ќе биде дом на битолските боксери, кик-боксери, каратисти… Предвидени се два ринга, помошни простории, модерни инсталации и конечно простор за тренинг и натпревари на таканеречените мали спортови. Битолската куглана дополнително беше реновирана и ја доби потребната лиценца за меѓународни натпревари, со што е само една од двете во Македонија. Овој објект, кој е во скпоп на спортската сала „Боро Чурлевски“ е најмодерен од овој тип во земјата.

Јубилејна година

Битолските навивачи „Чкембари“, најстарата навивачка група во Македонија, прослави 40 години во септември 2025 година. Тие го одбележаа јубилејот со низа манифестации видливо присуство на трибините на спортските борилишта. ФК Пелистер прослави 80 години постоење и во октомври организираше свечена академија и организира интернационален пријателски натпревар против Динамо Букурешт од Романија. Дуелот во Битола беше празник на фудбалот, а со головите на Гроздановски и Ристевски од пенал, пелистерци славеа со 2-0. Во последните денови од декември РК Пелистер прослави 70 години од своето постоење, а како централна манифестација беше организиран натпревар на ветераните, на кој настапија Манасков, Стефановски, Новокмет, Димитровски, Николиќ, Мирзамамедов… 90 години од своето постоење прослави и ПСК Пелистер. Клубот организираше Свечена академија, свое предавање одржа д-р Сашко Кедев, а клубот и националниот парк Пелистер организираа марш и отворање на нова патека до селото Цапари. Ѓуро Илиќ прослави педесет години тренерска работа и го промовираше филмот „Да се биде подобар од вчера“. На свеченоста во салата на Народниот театар присуствуваа многу гости, челни луѓе на Светската федерација, колеги и пријатели. Легендарниот Илиќ беше пријатно изненаден и првите луѓе на Јапонската и светска џудо федерација го крунисаа во самурај!

Најголем буџет во историјата!

Општина Битола го донесе буџетот за 2026 година и издвои високи 9,2 милиони денари за спортот во дванаесетте месеци кои што следат. Овој буџет е најголем во историјата на нашата општина и најголем од сите општини во Македонија. Со ваква поддршка жителите на градот со право очекуваат трофеи и медали и во 2026 година.