Стојановски: Ова е нашиот најдобар меч, но ни фалеше завршен пас

Пелистер и Тиквеш синоќа во Битола, одиграа неинтересен меч со малку шанси и без голови во рамките од 11. коло во Првата македонска фудбалска лига.

Тренерот на битолскиот тим, Милан Стојаноски по натпреварот изјави задоволство од играта на својот тим, особено во вториот дел, но рече дека на тимот му недостасува завршница.

„Во првото полувреме влеговме уплашено и создадовме само една шанса. Грешевме при чисти пасови, како да им се тешки нозете на фудбалерите. Немаше причина за такво нешто. Во вториот дел се растрчавме, креиравме убави акции, но брзавме во завршницата. Игравме „викторија“ пред нивниот гол. но ни фалеше тој завршен пас. Тоа е што ни фали против еден солиден тим на Тиквеш.

Ни доаѓа Вардар, една голема екипа, и верувам дека луѓето ќе дојдат во среда да го гледаат македонското дерби. Ова е нашиот најдобар натпревар откако дојдов во Битола и верувам дека ќе напредуваме“, рече Милан Стојановски.

До репрезентативната пауза Пелистер на домашен терен ќе се сретне со Вардар и Брера.

ФОТО: ФК Пелистер