Во опуштена атмосфера, тимот на „Трчај бе“, волонтерите, пријателите и дел од ѕвездите од постерот се собраа да ја заокружат 2025 година и да ја најават следната.
„Вечерва сме без стартни броеви и без временски чипови, но со истата енергија што ја движеше трката цела година”, истакна Никола Димитровски кој ја започна трката пред осум години со тим кој ја направи за кратко време една од највпечатливите улични трки во атлетскиот календар на многу спортисти, компании и рекреативци и најмасовниот спортски настан во Битола.
На настанот имаше волонтери што со години ја градат приказната, ѕвезди од постерот што овојпат излегоа од рамката и разговори што почнуваа со „се сеќаваш кога…“ – моменти што потсетуваат дека ова не е само уште една спортска манифестација, туку проект длабоко вкоренет во локалната заедница.
Концептот „Битолси на Трчај бе“ под кој одеше целата кампања за трката во 2025 година доби своја вечер, со симболични подароци и чувство дека приказната не завршува, туку се префрла во ново поглавје. Дел од волонтерите и ѕвездите од постерот не беа во можност да присуствуваат, но постерите им беа испратени. Меѓу нив и ракометарот Филип Кузмановски, кој поради натпревар не можеше да биде присутен, па споменот од „Битолси на Трчај бе“ му беше дополнително предаден.
На настанот официјално беа најавени и датумите за двете трки во 2026 година:
• Мини Трчај бе – 31 мај 2026
• Трчај бе – 13 септември 2026
Со оваа средба, „Трчај бе“ симболично ѝ се заблагодари на 2025 година и упати јасна порака кон 2026 година – ист град, иста енергија, нови чекори.





