Котар: Да го вратиме Еурофарм Пелистер на врвот, Битола го заслужува тоа!

Словенецот Миха Котар, изјави дека му е драго што ќе го носи зелено-белиот дрес на Еурофарм Пелистер, најавувајќи голема борба за добри резултати во сите натпреварувања.

Котар летово му се приклучи на клубот и се очекува да биде големо засилување за екипата која повторно ќе се бори за шампионската титула во Суперлигата.

„Навистина ми е драго што додов во овој клуб, кој има огромна традиција. Цела Битола живее за ракометот, затоа сум многу среќен што ќе го носам овој дрес. Еурофарм Пелистер има огромна армија навивачи, се надевам дека ќе ги направиме среќни во текот на сезоната.

Тренираме веќе три дена, ќе работиме напорно на тренинзите и ќе го дадеме својот максимум. Целта е да го однесеме клубот таму каде што сакаат сите во овој град, но и ние како играчи. Да се надеваме на успешна сезона“, изјави Котар.

Еурофарм Пелистер во новата сезона ќе се натпреварува во Европската лига на ЕХФ. Тимот на Лино Червар ќе се обиде и да го симне Вардар 1961 од шампионскиот трон во Македонија.