Филип Кузмановски пак беше еден од најдобрите ракометари на Еурофарм Пелистер против Вардар, но македонскиот шампион вечерва го „положи оружјето“ во Скопје. Во првото големо дерби на македонскиот ракомет оваа сезона „црвено-црните“ извојуваа голема победа од 31-28. По дуелот во „Јане Сандански“ капитенот на пелистерци истакна дека Вардар со ништо не ги изненадил и дека сами се виновни за овој пораз.
„Ни се повторуваат истите грешки. Бевме мотивирани максимално, добро го познаваме противникот, ги победивме мечевите пред стартот на сезоната, како во Суперкупот, тогаш бевме подобро спремни. Вардар не не изненади со ништо, самите сме виновни, треба добро да анализираме и да ги решиме нашите проблеми ако сакаме да се вратиме. Ќе биде психолошки тешко, бидејќи играме против Охрид на домашен терен, а знаеме дека после долги години домашната лига е навистина подобра. Ќе биде потребен фокус, не е лесно д се игра во домашното првенство и во Лигата на шампиони, но имаме добри играчи, одиме понатаму да го оствариме зацртаното“, изјави Кузмановски.
Овој пораз за битолчани е прв по долга пауза од шест месеци во домашниот шампионат.





