Стојановски: Резултатите се во втор план, подготовките течат беспрекорно

Тренерот на битолски Пелистер, Милан Стојановски, го прокоментира пријателскиот натпревар против Невбахор одигран во Анталија, каде „зелено-белите“ беа поразени со минимални 1-2.

Српскиот стратег изрази задоволство од сработеното и упати пофалби за сите играчи во тимот, не одминувајќи ги и младите таленти кои добиваат поголема минутажа во последно време.

„Одработивме одлични подготовки и одигравме три контролни мечеви против исклучително тешки противници. Резултатите не беа во прв план, особено на денешниот меч кога игравме две полувремиња по 60 минути.

Првите 15 минути беа тешки за нас, имавме тежина во нозете, но не им замерувам на играчите. Врнеше цели десет дена, времето не беше идеално, но играчите го дадоа својот максимум, како на тренинзите, така и на мечевите.

Би го пофалил Стефан Спировски, кој е неверојатен професионалец и беше неверојатен на сите тренинзи. Целиот колектив беше на висина на задачата. Им честитам на овој пристап, а драго ми е и што младите играчи се навикнаа на моите методи. Создадовме обострана доверба, младите таленти напредуваат и затоа дел од нив добија голема шанса на денешниот натпревар.

Сите сакаме младите таленти да играат, но тоа треба да се заслужи. Децата од школата секогаш ќе добиваат шанса додека сум јас тренер на овој тим. Мислам дека успеавме да го засилиме ростерот таму каде што требаше, па затоа имам големи очекувања за остатокот од сезоната.

Ќе ја следиме ситуацијата до крајот на преодниот рок. Ако ни се отвори некоја добра прилика, секако дека ќе ја искористиме и ќе се обидеме уште повеќе да го засилиме играчкиот кадар“, заклучи Стојановски.

Пелистерци ќе одиграат уште една контролка во Анталија, а потоа се враќаат во Битола на финални подготовки пред продолжението на сезоната во Првата македонска лига.