Костелиќ по 42 години во Битола: „Одушевен сум што овие луѓе не ме заборавија!“

Малкумина знаат дека семејството Костелиќ во осумдесеттите години од минатиот век живееше во Битола, бидејќи ракометниот тренер Анте Костелиќ една ипол сезона го водеше Пелистер. Малиот тригодишен Ивица Костелиќ првпат застана на скии под „Тумбе кафе“, а сопругата на Анте, Марица Костелиќ играше за ЖРК Пелистер.

Сојузот на спортови на Битола по 42 години го врати Анте Костелиќ на местото на настанот и тој и неговата сопруга беа гости на изборот на најдобрите спортисти на градот. 86-годишниот Анте Костелиќ доби награда за животно дело и со посебно стоечки овации беше поздравен од битолчани.

„Јас не сакам да зборувам самиот за себе, но одушевен сум што Битола како град и овие луѓе не ме заборавија. Среќен сум што пак се видов со моите момци по толку многу години. Ванчо Јовановски ме дочека на аеродром, тука се моите момци од Битола: Христовски, Јусуфовски, Атаканасовски, Босеовски…

Се потсетивме на нашите убави денови, на нашите победи. Јас го водев Пелистер на 29 натпревари и забележавме 26 победи во лига како југословенската. Не е тоа шега. Ја посетив мојата стара улица „Питу Гули 43“ и се вративме со спомените каде живееме и каде мојот Ивица првпат застана на скии. Полн сум со емоции по ова мое враќање во Битола“, рече Анте Костелиќ.

Роден загрепчанин, Анте Костелиќ, изгради големи шампиони во неговите деца Ивица и Јаница Костелиќ и неговата кариера е за восхит и почит. Битолчани го навратија на едно друго време, во кое неговиот став и принципи го донесоа професионалниот начин на работа во Битола и Македонија.