Еден од најспортските градови во нашата земја со сигурност е Битола. Граѓаните на конзулскиот град знаат да кажат дека Битола е душата и талентот на спортска Македонија. Така било пред 50 години, така било кога успесите сме ги делеле во бившата држава, така е ден-денес. А верувам дека и без дилеми така ќе биде и во иднина. Колку само атлети нè направиле горди во минатото, ги надминале сите спортски граници, станале идоли на младите и и ден денес со задоволство се присеќаме на нив. Еве само дел од долгата низа на оние кои можат да се наречат легенди…
Стевче Алушoвски (1972), ракометар
Основното, средното и високото образование ги завршува во Битола. Магистрира на ФОН-Спорт и спортски менаџмент. Активно почнува да се занимава со ракомет во сезоната 1989/90 година, Своите почетоци ги прави во РК Пелистер, каде со повремени прекини настапува 10 сезони – 1989/93, 1996/2000, 2004/05 година. Потоа две сезони игра за РК Јафа-Ресен. Во 2000 година заминува за Скопје и станува член на РК Вардар Про каде настапува девет сезони, во сезоните 2000-04 година, 2005-10 година. Со успех настапуваше и кариерата ја заврши во РК Металург – Скопје. Во неговите професионални успеси се вбројуваат преку тринаесет првенства на Македонија и осум Купови на Македонија. Во 2004 година прогласен е за најдобар ракометар на Македонија. Во својата спортска кариера има три настапи во младинската репрезентација на Југославија. За Македонската ракометна репрезентација одиграл над 200 натпревари со постигнати над 1.000 гола.
Влатко Богдановски (1964), шаховски велемајстор
Роден во Битола. Израснат во Шаховската школа на ШК Стево Патако, каде настапува од 18-годишна возраст. Во 1979 година станува пионерски првак на Македонија. Во 1988 година ја освојува титулата Интернационален мајстор во шах – (ФИДЕ конгрес, Солун). Во 1993 година ја освојува титулата шаховски велемајстор (ФИДЕ конгрес, Бразил). Бил шесткратен сениорски првак на Македонија во 1986, 1987, 1989, 1993, 1995 и 2009 година. Како член на шаховската репрезентација на Македонија учествува на многу шаховски олимпијади: 1994 година во Москва (Русија), 1996 година во Ереван (Ерменија), 1998 година во Калмикија (Русија), 2000 година во Истанбул (Турција), 2004 година во Калвија (Шпанија) и три Европски првенства: 1997 година во Пула (Хрватска), 1999 година во Батуми (Грузија) и 2001 година во Леон (Шпанија). На куповите на европски шампиони настапува во 2000, 2001, 2001, 2003 и 2004 година Највреден резултат му е освоеното седмо место со Шаховската репрезентација на Олимпијадата во Истанбул, со што се стекна со статус – Спортист од светска категорија.
Васко Ванѓелов (1927), роден во Битола, професор по физичко воспитување
Значаен спортски работник кој активно се посветува на едукацијата на младите и развојот на спортот во Битола. По ослободувањето станува член на гимнастичката екипа во Битола, каде со вежби на справи и партерна гимнастика учествува на Републичкиот слет во Скопје. Како студент во Белград, кон крајот на 1959 година се посветува на пливањето и по враќањето во Битола го формира и е тренер на првиот Пливачки клуб Југ во Битола. По дипломирањето и враќањето во Битола, се вработува како професор во Средното земјоделско училиште. Во 1960 година го формира и Првиот атлетски клуб во Битола. Васко Ванѓелов е заслужен за формирањето на отсекот Фискултурни паралелки при Учителската школа во Битола. Два мандати е претседател на Сојузот на педагозите по физичка култура во Република Македонија. Васко Ванѓелов е автор на бројни стручни и популарни спортски трудови објавувани во разни списанија, весници и електронски медиуми. Со свои трудови настапува на повеќе конгреси во земјата и странство.
Вера Вељановска (1955), атлетичарка
Учествува на бројни атлетски манифестации одржувани на просторите на поранешна Југославија и повеќе други земји. Има освоено седумнаесет златни, петнаесет сребрени, три бронзени медали, една златна и две сребрени плакети, бројни пехари и други признанија и награди. Нејзини рекорди што и денеска не се соборени се: 60 метри во сала – 7,3 секунди во Букурешт, 60 метри на отворено – 7,5 секунди во Сплит (1973 година), 100 метри на отворено – 11,6 секунди во Букурешт (1973 година), 200 метри на отворено – 24,0 секунди во Софија (1973 година). Од 1970 -1975 година е стандардна членка на македонската и југословенската репрезентација во јуниорска и сениорска конкуренција. Прогласена е за спортист на Македонија во 1973 и 1974 година, четирипати е и на ранг-листата на најдобрите спортисти во Битола: 1971 и 1972 година на второ место, а 1973 и 1974 година на прво место. Добитник е на бројни признанија: наградата „4 Ноември“ на Битола, „Седум секретари на СКОЈ“, Плакета по повод 30 години физичка култура во Битола, 1977 година и Сребрена плакета од Светската атлетска федерација во 1998 година.
Милка Гемтова-Георгиевска (1954), скијачка
Уште од најраните детски години застанува на скиите и таа љубов кон планината и спортот ја негува цел живот. Во 1966 година станува првак на Македонија во пионерска конкуренција во сите три дисциплини – слалом, велеслалом и спуст. Истата година го освојува шестото место на Државното првенство на Југославија, кое се одржува во Маврово. Титулата првак на Македонија ја задржува и како младинка и сениорка сè до нејзиното повлекување од активен натпреварувач во 1977 година. Во 1969 година го освојува петтото место на Балканскиот шампионат во Маврово. Во 1969, 1971 и 1974 година избрана е меѓу десетте најдобри спортисти во Битола каде го доби епитетот „Царица на белиот спорт“. Летото 1970 година освојува трето и четврто место во скијање на вода на Државното првенство на Југославија, кое се одржа во Отешево. Во 1971, 1972 и 1974 година е апсолутен првак во сите три дисциплини на тромеч натпреварите помеѓу Македонија, Србија и Црна Гора кои се одржуваат во Жабјак и на Попова Шапка. Истиот успех го повторува и во 1975 година на тромечот на Копаоник. Од 1978 до 1980 година работи како тренер на женската скијачка екипа на ПСД Пелистер од Битола. Сè уште рекреативно се занимава со скијање и планинарење, за што зборуваат и нејзините успеси при освојувањето на голем број врвови – Кораб, Титов Врв, Џеравица, Пирин, Митикас, Мусала итн.
Миливој Груевски (1939), стрелаштво.
Завршува Технички факултет – Архитектонски отсек. Како средношколец, во 1953 година станува член на Стрелачката дружина при гимназијата „Јосип Броз – Тито“ во Битола. Следната 1954 година учествува на Републичкото првенство во стрелаштво во Скопје, во категоријата пионери со воздушна пушка и се квалификува за член на Македонската репрезентација во која станува постојан член. Истата година учествува на Државното првенство во Белград и со малокалибарска пушка во тростав (лежечки, клечечки, стоечки, трипати по 10 куршуми) исполнува сојузна норма од 264 круга од можни 300 и се стекнува со медал „Мајстор – стрелец“. На Државното првенство во Белград во 1957 година како македонски репрезентативец, во поединечен пласман станува шампион на Југославија во дисциплината лежечки став – „Олимписки меч“ со војничка пушка (181 круг од можни 200). Следната 1958 година на 13-от Државен шампионат на Југославија, кој се одржува во Сараево, учествува со младинската македонска репрезентација и го освојува првото место – златен медал и поставува нов државен рекорд во дисциплината малокалибарска пушка, тростав, трипати по 20 куршуми.
Петар Упалевски (1952), фудбалер
Со спорт почна да се занимава уште во основно училиште „Стив Наумов“ и тоа со ракомет, кошарка и фудбал. Во 1966 година беше основана првата пионерско-младинска фудбалска школа на Пелистер и тоа беше пресудно да почне сериозно да се занимавам со оваа игра, под раковоство на тренерите-педагози Васко Вангелов и Крсте Ефтимовски. Со своите настапи со младинскиот тим на Пелистер, се избори за место во младинска репрезентација на Македонија на републичко покраински турнир во Цетиње, Црна Гора. На 18-годишна возраст заигра за првиот тим на Пелистер и подоцна го направивме најголемиот успех во клупската историја дотогаш со пласманот во Втората југословенска лига. До денес е фудбалер со најмногу настапи во дресот на Пелистер, а кариерата ја заврши во 1984 година. На неговиот проштален натпревар присуствуваше и југословенската фудбалска легенда, Владимир Петровиќ Пижон. Прогласен беше за спортист на Битола во 1973 година. Почнува тренерска кариера и со забележителни резултати долги години работеше во школата на клубот.
Пеце Димитровски (1942), ракомет
Важи за еден од најталентираните ракометари кој ја прослави Битола на домашен и меѓународен план. Со спорт почнува да се занимава уште од најраната младост. Во 1957 година ги прави првите чекори во ракометот. Неговиот спортски талент и ракометна надмоќ забележани се од тренерот Томе Атанасовски, кој набрзо го вклучува во екипата на Ракомениот клуб Работник. Во 1964 година заминува во Ниш каде две години настапува за екипата на Железничар. Потоа се преселува во Велес каде останува три години, а потоа повторно се враќа во Битола каде станува член на Ракометникот клуб Пелагонија. За својата успешна ракометна кариера добива многу награди и признанија од Ракометниот сојуз на Македонија и Ракометниот сојуз на Југославија. Многу често е на листите за спортист на годината на Ниш, Велес и Битола. Во 1962 и 1968 година настапува за Ракометната репрезентација на Република Македонија. Во 1966 година станува репрезентативец на СФРЈ, бранејќи ги боите на својата земја на средбите со Полска и Демократска Република Германија. За Ракометниот клуб Пелагонија настапува како играч и како тренер.
Весна Дунимагловска (1976), олимпијка
Родена 1976 година во Битола. Основното и средното образование ги завршува во Битола. Дипломира на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, а магистрира на Универзитетот на уметностите во Белград и се стекнува со звањето магистер во областа на мултимедијалната уметност. Со спорт почнува да се занимава уште како дете во родната Битола. Од 1982 до 1994 година член е на Скијачкиот клуб Пелистер. Апсолутен шампион е на Република Македонија во слалом и велеслалом во своите категории. Во 1986 година го освојува второто место во слалом на Балканското првенство во Бурса (Турција), а во 1990 година третото место на Националното првенство на Бугарија. Во 1990 година станува државен шампион на Република Македонија во повеќебој – гимнастика. Во 1992 година учествува на Југословенското првенство на Бјелашница – Босна и го освојува првото место во слалом и второто место во велеслалом. Истата година учествува на Зимските Олимписки Игри во Албервил во Југословенската алпска скијачка репрезентација. Двократен спортист е на годината на Битола, двократен спортист на годината од списанието „Скок“ и е меѓу десетте најуспешни спортисти на Македонија од СОФКА.
Ѓорѓи Ѓорѓиевски (1944), воздухопловец
Роден во Битола. Уште од раните детски години чувствува љубов кон воздухопловството, што резултира со зачленување во Аероклубот Битола во 1959 година. Истата година ја завршува основната обука за спортски пилот-едриличар. Според тогашните прописи (секој едриличар да има задолжително неколку падобрански скока), во 1960 година го прави првиот падобрански скок и успешно ги совладува двете обуки – за едриличар и за падобранец. Како младинец го носи дресот на Македонија и четири години по ред со екипата на Аероклубот Битола се шампиони на Југославија. Негови лични постигања се: шампион на Југославија на седмото првенство за млади во 1967 година, прво место на истиот шампионат во дисциплината 1.000 м. со задршка, четврто место во скок на вода од 700 метри со вонредно прецизен скок, трето место во екипна конкуренција за Македонија 2 (на тоа првенство екипата на Македонија 1 го освои првото место), резултат вреден како југословенски рекорд – просек 13 сантиметри од центарот, во дисциплината 1.500 м. со задршка од 15-20 секунди, како и неколку југословенски рекорди во групни скокови. Со постигнатите резултати ги исполнува условите за значката „Златно Ц“. За своите постигнувања прогласен е за спортист на Битола за 1967 година од читателите на „Битолски весник“, прво место на листата на Воздухопловниот сојуз на Македонија за 1967 година, шесто место во изборот за Спортист на Македонија за 1967 година, петто место на листата на падобранци во избор на Воздухопловниот сојуз на Југославија. Спортската кариера ја завршува со 421-от скок на градот Битола, а во 2003 година највисокото признание на Здружението на лекарите на Македонија „Повелба д-р Трифун Пановски“.
Благојче Илиевски (1931), спортист
Роден во Битола. Како и многумина битолчани од тоа време, во раната младост се вљубува во планината и најголемиот дел од младешките години ги минува на снежните падини на Пелистер. Меѓу поклониците на белите спортови е познат како извонреден тркач и скијач во сите дисциплини. Учествува на бројни првенства од општински и републички карактер. Долги години е меѓу првите и најистакнатите претставници од Битола во скијачките дисциплини. Паралелно со скијањето, Благојче Илиевски од срце му се посветува и на фудбалот. Патот кон афирмацијата го пробива тешко, затоа што во негово време Битола обилува со фудбалски асови, ветерани кои тешко ги отстапуваат своите места. Сепак, благодарение на извонредниот талент, Илиевски за релативно кусо време станува еден од најдобрите фудбалски халфови во Битола, во генерации коишто го афирмираат фудбалот на просторите на Македонија и поранешна Југославија. Години со ред ги брани боите на Работник и Пелистер од Битола, настапува и во времето кога Пелистер за првпат изборува пласман на повисок ранг на натпреварувањата во тогашна Македонија и Југославија (четврта зона), а по завршувањето на кариерата, своето искуство и познавање на фудбалските вештини несебично ги пренесува на младите генерации.
Борче Илиевски (1935), шахист
Првите шаховски чекори ги прави на 15-годишна возраст во Градскиот Шаховски клуб Стево Патако, а активно со шах се занимава од 1951 година, кога за првпат се појавува на Младинското првенство на Македонија, освојувајќи го третото место. На републичките сениорски првенства постигнува забележителни резултати. Во 1959 година на шампионатот на Македонија го освојува третото место, што му овозможува да ја претставува Македонија на полуфиналниот турнир за првенство на Југославија во Дравоград и во силна конкуренција го освојува четвртото место. Во 1964 година ја освојува шампионската титула, освојувајќи го убедливо првото место со 12½ поени од можни 15. Учесник е на три државни шампионати на Југославија, каде постигнува забележителен успех. Во 1967 година на турнирот „Средба на солидарноста“, одржан во Скопје, постигнува сензационален успех, играјќи реми против Фишер. Со успех настапува на повеќе мајсторски турнири. Во 1981 година на Мајсторскиот турнир во Битола го освојува третото место и ја освојува мајсторската титула, натфрлувајќи ја потребната норма за еден поен. Со екипата на „Стево Патако“ трипати биле републички прваци и трипати го освојувале Купот на Македонија.
Димитар Илиевски – Мурато (1953- 1989)
Прв македонски планинар кој на 10 мај 1989 година го освојува Монт Еверест, највисокиот врв на светот. Во Планинарското спортско друштво Пелистер се зачленува во 1968 година. Во 1972 година го завршува курсот за планинарски спасители. Меѓу неговите први позначајни успеси се вбројува освојувањето на Доломитите- Мармалада (3.342 метри надморска висина). Во 1979 година за првпат се искачува на Монт Блан, висок 4807 м/нв. Само една година подоцна го освојува и Метерхон (4.478 м/нв), а во 1981 гoдина повторно се искачува на Монт Блан, Метерхон и Монте Роса (4.634 м/нв). Во 1982 година учествува во Првата македонска алпинистичка експедиција „Анди-82“, при што го освојува Чупикали (6.400 м/нв.) и Хуасхаран – јужен врв (6/768 м/нв.) и северен врв (6/677 мнв). Во 1984 година учествува во Втората македонска алпинистичка експедиција „Памир-84“. Со таа експедиција ги освојува врвовите Пик Четвориок и Врвот на комунизмот, но и доживува вистинска одисеја кога со неговиот другар Ѓорѓи Котевски се борат со природата за да ги спасат животите на двајца алпинисти од Австрија. На 10 мај 1989 година го постигнува најголемиот успех што еден алпинист може да го постигне, освојувајќи го Монт Еверест, највисокиот врв на светот – 8.848 м/нв. Со тој подвиг Димитар Илиевски – Мурато отиде во вечноста и во светот на спортските легенди.
Ѓуро Илиќ (1952), спортист
Роден во Битола, дипломиран правник. Со џудо се занимава од 1969 година. Во 1976 година. станува носител на Црн појас – Џудо мајстор шести дан, а во 1986 година станува првиот Аикидо мајстор 1 Дан во Република Македонија. Освен натпреварувањата, учествува и на бројни стручни и судиски семинари во земјата и во странство, каде има можност да учи и да соработува со повеќе меѓународно признати џудо и аикидо мајстори (Кење Шимицу, Светислав Ивановиќ, Радован Крајановиќ, Славко Обадов, Бранко Драгиќ, Љубомир Врачаревиќ, Ерик Парисет…). Од 1975 година е тренер на ЏК Пелистер од Битола, а една година подоцна станува џудо судија. Раководел со 16 џудо и аикидо школи од државен и меѓународен карактер. Шеф е на стручниот штаб на Џудо и Аикидо клубовите Пелистер. Денес е Џудо мајстор 5 Дан, Аикидо мајстор 5 Дан, виш џудо тренер и виш аикидо тренер. Раководител е на Џудо центарот Пелистер од Битола, потпретседател на Сојузот на спортови од Битола, претседател на Дан колегиумот при Џудо федерацијата на Македонија, претседател на Аикидо федерацијата на Македонија – реален аикидо, супервизор на Турската федерација за реален аикидо. Автор е на повеќе публикации, книги и образовни видео касети меѓу кои: првиот Прирачник во два дела „Џудо гошин-џицу“ (1977), Прирачникот „Џудо програма за напредување“ (1984), првата книга на македонски јазик „Џудо”(1984), Прирачник „Основи на аикидо вештината“ (1987), Прирачник „Аикидо програма за полагање за појаси“ (1996), прва видео касета во СФРЈ под наслов „Џудо -спорт, самоодбрана, рекреација“ (1989) и многу други. Главен и одговорен уредник е на единствената ревија за боречки спортови и вештини во Македонија „Црн појас“ (2001). Автор е на првото ДВД во Р Македонија под наслов „Реален аикидо“ (2005). Ѓуро Илиќ е единствениот Македонец избран во Европската куќа на славните за боречки вештини. Член е на Бордот на директори во Светскиот центар за реален аикидо.
Драган Канатларовски (1960), фудбалер
Роден во село Цапари, битолско. Своето професионално деби го има во 1982 година во Пелистер, во кој игра наредните три сезони. На почетокот од првенството на Југославија во 1985/86 година заминува за Скопје и настапува за Вардар. Во летото 1989 година се сели во Белград во Црвена везда, со која во сезоната 1989/90 го освојува првенството на Југославија како и Купот на Југославија. Од 1990 до 1992 година настапува во Шпанија, за Депортиво Ла Коруња, која во тоа време настапува во втората шпанска лига и таа сезона успева да се врати во Примера (првата шпанска лига). После Шпанија, фудбалската кариера ја продолжува во Турција, во Каршијака од Измир, по што се враќа во Македонија во прилепска Победа. Настапи за репрезентацијата на Југославија – младинци до 23 години (14 пати), за репрезентацијата на Југославија, а за репрезентацијата на Македонија одигра десет натпревари и постигна два гола. Својата кариера како репрезентативец ја завршува во 1995 година. По завршувањето на активната фудбалска кариера, почнува активно да се занимава со тренерска активност – селектор е на македонската фудбалска репрезентација, тренер на Беласица од Струмица, Победа од Прилеп, Вардар од Скопје. Во 2008 г. станува тренер на Локомотив Пловдив, а со успешх работеше и во Србија, БиХ и Црна Гора.
Пеце Котевски (1967), боди-билдер
Роден во Битола, каде го оформува своето образование – Биотехнички факултет, дипломиран инженер. Активно се занимава со спорт од најраната младост. Носител е на црн појас во карате. Своите најголеми успеси ги постигнува во бодибилдингот. Неколку пати е апсолутен шампион на Македонија во сите категории, во годините: 1992, 1994, 1995, 1996, 1998 и шампион во 1999, 2006 и 2008 година. Постигнува голем број на меѓународни успеси: Светско првенство во Шангај – Кина (полуфинале – деветто место), 1997 година; Европско првенство во Бирмингем, Англија – четврто место, 1998 година; Медитеранско првенство во Аликанте, Шпанија, трето место (бронзен медал), 2000 година; Медитеранско првенство во Римини, Италија – второ место (сребрен медал), 2000 година; Европско првенство во Лондон, Англија – прво место (златен медал) и европски шампион во категорија до 80 килограми; 2006 г. Отворено првенство на Австралија – второ место (сребрен медал) – вицешампион на Австралија; 2008 година. Трофеј Београд – Србија, Меѓународен куп натпревар – прво место (златен медал); 2008 година Светско првенство Петезбер, Германија – четврто место. За своите успеси има добиено многу признанија од градот Битола: 2000, 2006 и 2008 година е спортист на Битола, Златна плакета од градоначалникот на Битола, најпопуларна личност во спортот од „Битолски весник“, Тера ТВ и ТВ Орбис.
Крсте Крстевски (1940), спортист
Роден во Битола. Крстевски спаѓа во редот на сестраните битолски спортисти со освоени бројни републички титули во повеќе спортски дисциплини. Најголема љубов му е фудбалот каде останува цели 52 години, како фудбалски судија од сите рангови и фудбалски делегат. Спортската кариера ја започнува во раната младост, а во 1958 година, иако сосема случајно, го освојува првото место на првата ноќна трка во Прилеп на 1.500 метри. Потоа учествува на сите ноќни трки во Битола, Штип, Скопје и Велес и е меѓу иницијаторите за формирање на Атлетскиот клуб Олимпија. Истата година станува член и на Македонската репрезентација, а на Купот на Републиката на 800 метри постигнува време што тогаш е незамисливо – 2,02 секунди. Во 1963 година со скршено рамо го освојува првото место на Републичкиот натпревар во Сарај – Скопје, на 400 метри со пречки. Додека го отслужува воениот рок, настапува на бројни сеармиски првенства во поранешна Југославија. Во Сплит го освојува второто место на 5.000 метри. Во 1959 година Крстевски станува републички првак во бокс во лесна категорија, откако во финалето го совладува Садиков. Паралелно со овие два спорта Крстевски се занимава и со велосипедизам, учествувајќи на поголем број крос трки низ Македонија. Фудбалската кариера ја започнува во фудбалскиот клуб Пелистер од Битола. Со фудбал се занимава од 1957 до 1964 година, а потоа целиот свој живот да го поминува како фудбалски судија и делегат. Во 1958 година станува најмлад фудбалски судија на Југославија, а истовремено го положи и испитот за републички ракометен судија. Суди на над сто натпревари низ цела Југославија. Под негова контрола судиските испити ги положуваат над 400 судии. Паралелно со активностите на теренот извршува и повеќе функции. Повеќе години е претседател на Судиската организација на Македонија, претседател на Стручниот совет на ФСМ, член на Судискиот одбор на ФСМ, цели 25 години е претседател на Судиската организација на ОФС. За своите активности добитник е на бројни признанија и награди меѓу кои и трофејната златна плакета на ФСЈ и ФСМ, како и признанија од СОФКА Битола и ОФС Битола.
Петар Милошевски (1973 – 2014), фудбалер
Роден во Битола. Основното и средното образование го завршува во Битола. Дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 1999 година. Со спорт почнува да се занимава од најрана возраст – со активно тренирање почнува на 10 години, а на 13 години го добива првиот повик за настап во пионерската репрезентација на Југославија. Спортската кариера ја започнува во Пелистер од Битола, во 1990 година. Од 1994 до 1998 година игра за Вардар. Потоа заминува за Турција каде настапува за Трабзонспор од 1998 до 2001 година. Во 2001 година преминува во Малатијаспор, каде останува до 2004 година. Во сезоната 2004/05 година се натпреварува за „Акчабат Себастспор“, а во 2005 година преминува во Еносис Неон Паралимни (Кипар). Настапува за јуниорската репрезентација на Југославија и одигрува 16 натпревари. За фудбалската репрезентација на Македонија настапува 59 пати. Од позначајните успеси се издвојуваат: шампион на Македонија со Вардар 1994/95 година и Куп на Македонија со Вардар 2004/05 година. Во април и мај 2010 година во Дојран ја почнува тренерската едукација во Центарот за едукација на Фудбалската федерација на Македонија и се здобива со „Б“ лиценца за фудбалски тренер. До несреќната смрт во сообраќајна несреќа ја извршуваше функцијата директор на фудбалската репрезентација на Македонија.
Тони Мицевски (1970), фудбалер
Роден во село Поешево, битолско. Своите почетоци во фудбалот ги прави во родното место со Поешево, каде настапува од 1985 до 1987 година. Следните три години игра во Новаци, а во 1991 година доаѓа во Пелистер, каде останува до 1996 година. Тоа лето заминува во Германија, каде со Ханза Росток настапува во Бундеслигата. Во Германија останува до 2005 година. Во тој период настапува за фудбалските клубови Тенис Борусија Берлин (1998-2000), Енерги Котбус (2000- 2002) и Оснабрик (2002-2005). Постојано настапува за македонската репрезентација од осамостојувањето на Македонија, па сè до 2002 година и одигра 47 натпревари (со постигнати четири гола), а последните пет години е капитен. Првиот натпревар за репрезентацијата го одиграл во Крањ – Словенија, со резултат од 1-4 за Македонија. Во периодот од јануари до јули 2000 година настапува за Победа, која истата година го освојува Купот на Македонија. Поседува тренерски лиценци А и Б. Во периодот од 2005 до 2008 година работи како технички директор на Пелистер, кога клубот постигнува еден од најголемите успех во своето постоење, освојувајќи го третото место во Првата македонска лига и игра натпревар во Купот на УЕФА со екипата на Апоел од Кипар. Во 1994 година Тони Мицевски е прогласен за најдобар спортист на Битола.
Оливера Наковска – Бикова (1974), параолимписки шампион
Родена 1974 година во Битола. Со основно и средно образование се стекнува во родниот град. Животот го минува во Битола, каде професионално се подготвува за натпревари од светски карактер. Во 2001 година во Данска станува шампионка на Европа во гаѓање со воздушен пиштол (златен медал). На Светскиот шампионат одржан во Сеул, со 562 круга, Наковска станува најдобра во тричлениот состав кој го освои сребрениот медал. Оливера учествува и на Параолимпијадата во Атина во 2004 година, каде го освојува шестото место на натпреварот со воздушен пиштол. Во 2006 година освојува многу видна награда – второ место со воздушен пиштол во неверојатно силна конкуренција. На Светското првенство во Сарганс, Швајцарија, за само 0,1 круг не го освојува златниот медал, додека на Европскиот куп во Падова е прва со израмнет светски рекорд. Сето ова ѝ го носи првото место на светската ранг-листа во дисциплината воздушен пиштол. На Светското првенство во стрелаштво за спортисти со инвалидност во Загреб (2010), во дисциплината воздушен пиштол – жени, Оливера Наковска – Бикова во конкуренција од 26 натпреварувачки го освојува третото место и бронзениот медал со резултат од 462,4 круга (366 во основен дел). Со тоа обезбедува настап на Параолимписките игри во Лондон во 2012 година, а во Лондон блесна со злато за Македонија со нов светски рекорд – НЕПОВТОРЛИВ РЕЗУЛТАТ.
Михаил Петровски (1949), гимнастичар
Петровски на гимнастиката ѝ се посветува во 1958 година. Набргу до израз доаѓа и неговиот врвен талент. Години со ред е доминантен во машката спортска гимнастика, освојувајќи втори и трети места, а често закитувајќи се со титулата републички првак. Од 1968-1973 година постојано е на врвот на македонската гимнастика. Слични резултати постигнува и на натпреварите во партизанскиот повеќебој каде што редовно ги освојува првите и вторите места. Михаил Петровски учествува дури на три државни првенства: Белград, Лесковац и Винковци. Во 1972 година како член на репрезентацијата учествува на двомечот Полска-Македонија. На повеќе наврати во периодот од 1967-1972 година е постојано на ранг-листата на десетте најдобри спортисти. Михаил Петровски, покрај гимнастиката, се занимава и со други спортови. Во 1967 година на Јуниорското републичко првенство во скок во далечина го освојува второто место; на Младинските спортски игри 1970 година е прогласен за најдобар фудбалер, а во 1977 година добитник е на високото признание „Златна значка“. Од 1980 година станува судија во ракомет, судејќи на над 700 натпревари. Од 1990 година е контролор во Првата ракометна лига во Македонија.
Стефан Ролев (1865 – 1969), спортист.
Еден од најсестраните македонски спортисти на сите времиња и еден од најистакнатите педагози и дејци во областа на физичката култура во Битола и Македонија. Бил учесник во Илинденското востание и во ослободителните борби на македонскиот народ од поилинденскиот период. Често патувал по европските земји и САД, каде што добро се запознал со гимнастичките системи и спортот. Во 1908 година во Битола го основал и раководел со гимнастичкото друштво „Пелистерски јунак“. Неговите членови носеле свои клупски униформи, се занимавале со строеви вежби, со вежби на подвижни справи и со многу спортски и културно-уметнички активности. Често приредувале јавни настапи во Битола. Бил нарекуван „Железниот Ролев“, бидејќи поседувал извонредни физички предиспозиции и се занимавал со многу спортови: гимнастика, акробатика, атлетика, дигање товар, пеливанство, бокс, велосипедизам, мотоциклизам и планинарство. Во Битола, уште во времето на младотурскиот режим го организирал првиот бокс-меч, а организирал и егзибиции на велосипеди и мотоцикли и масовни планинарски походи на Пелистер. Починал во Битола во 1969 година на 104-годишна возраст.
Љупчо Спирковски (1950), спортист
Роден во Битола. Уште од најраното детство најголемиот дел од своето време го поминува на Пелистер. Првиот натпревар го има во 1960 година, на десетгодишна возраст. Првите успеси ги бележи во пионерска и младинска конкуренција, зголемувајќи ја желбата за докажување и натпреварување. Член е на Младинската репрезентација на Југославија на Олимписките игри во Гренобл (Франција) во 1968 година. Во 1973 година на Државното првенство на Југославија во Маврово го освојува шестото место во алпска комбинација. Во 1974 година избран е за спортист на Битола, а 12 пати е на листата на најдобри спортисти. Титулите државен првак се составен дел од неговата спортска кариера, како и многу победи на тримеч натпреварите со Србија и Црна Гора. Како резултат за вложениот труд и постигнатите резултати на снежните патеки, во 1984 година го носи олимпиското знаме на отворањето на Зимските олимписките игри во Сараево. Во 1985 година ја завршува активната спортска кариера и започнува да го пренесува своето знаење и искуство на младите скијачи. Како претседател на ски-клубот Пелистер и претседател на Скијачкиот сојуз на Македонија, ја добива „4-то ноемвриската награда“ на Битола за придонес во областа на спортот во Битола. Како потпретседател на Скијачката федерација на Македонија ја води македонската селекција на Зимските олимписки игри во Торино, 2006 година.
Стевче Стефановски (1959), селектор, ракометар и голман
Љубовта кон ракометот датира од неговото најрано детство. Од 1973 до 1985 година е играч на Пелистер, во втората и првата југословенска лига. Од 1985 до 1986 година е играч на Тутунски комбинат, кога е освоено третото место во втората југословенска лига. Од 1986 до1988 година голман е на Борец, освоено трето место во Втора југословенска лига, прогласен за најдобар голман во втората југословенска лига – Југ и награда за спортист на Велес. Во сезоната 1988/89 ги брани боите на Ловќен, кога го освојуваат полуфиналето на Купот на Југославија, четврто место како и плеј-оф на Југославија. Од 1989 до 1998 година ангажиран е како голман на Пелистер, со финале на Куп на Југославија и во 1990 година прогласен е за петти голман во Југославија. Во Македонија четирипати е прогласен за шампион, трипати победник на Куп на Македонија. Во 1995 година настапи во полуфиналето на Купот на националните Куп победници на Европа (Лемго-Германија). За македонската репрезентација, од нејзиното формирање во Битола во 1992 година, односно од првиот официјален меѓународен натпревар (турнир во Орадеа – Романија), па сè до 1998 година, има околу сто настапи. Учесник е на Европското ракометно првенство во Италија во 1998 година (прво учество на Европски првенства на репрезентацијата на Македонија). Ангажиран е како селектор на Македонија од август 1998 до декември 1999 година. Од 2001 – 2002 година работи како тренер на Пелистер, со кој играше финале на Челенџ Купот на Европа (Скјерн-Данска) – прво финале на машка ракометна екипа.
Митко Стојковски (1972), фудбалер
Роден во Битола. Своите почетоци во фудбалот ги прави во Пелистер, каде настапува од 1989 -1991 година, период кога Пелистер влегува во Првата сојузна фудбалска лига на Југославија. Во 1991 година заминува за Белград, каде за Црвена Звезда настапува до 1995 година. Во тој период освојува две титули – првак на Југославија и две Куп-титули. Од 1997 до 2000 година член е на Реал Овиедо, тим кој се натпреварува во првата шпанска лига – Примера. Од 1997 до 2000 година ги брани боите на Штутгарт и постигнува голем успех влегувајќи во финалето на Купот на Куповите на Европа. Во својата активна фудбалска кариера Митко Стојковски ги поминува сите младински селекции на Југославија, а од осамостојувањето на Македонија, па до 1998 година 26 пати настапува за Репрезентацијата на Македонија и постигнува пет гола. Во периодот од 2005 до 2008 година работи како спортски директор во Пелистер, период кога клубот успешно се враќа во првата лига и се пласира за учество во Купот на УЕФА.
Боне Трајковски (1936 – 1982), ракометар
Во РК Пелистер е од неговото формирање, во 1959 година и истата година се натпреварува во Републичката лига. Во 1960 година лигата се расформира и се формираат три потсојузи. Истата година се формира Втората сојузна лига на Југославија во која преку квалификации во Зрењанин, Пелистер станува член на лигата, што е првпат екипа од Битола да има претставник на сојузен ранг. За овој успех на битолскиот клуб, еден од најзаслужните е голманот Боне Трајковски. За жал, Втората сојузна лига се расформира и Пелистер повторно игра во републичката лига, заедно со Работник. Во 1967 година двете екипи се здружуваат под заедничко име Пелагонија, клуб кој четири години по ред е првак на републичката лига. Во 1971 година екипата постигнува голем успех, го освојува првото место во лигата и за првпат Битола добива свој претставник во Првата сојузна лига. Еден од поистакнатите играчи заслужни за таквиот успех е голманот Боне Трајковски, кој за целото негово активно учество во спортот претставува пример за тоа како еден спортист треба да живее и да се однесува.
Ѓорѓи Христов (1976), фудбалер
Роден во Битола. Македонски професионален фудбалер, еден од најдобрите фудбалери што ги имала Македонија. Својата фудбалска кариера ја започнува во родниот град каде од 1992 до 1994 година игра за Пелистер. Во 1994 година со само 18 години битолскиот талент заминува во Белград во Партизан, каде за три сезони играње постигнува 21 погодок. Одличните настапи и завидната ефикасност кај „црно-белите“, му даваат виза за да замине во тогашниот англиски прволигаш Барнсли, каде, исто така, останува три години. Од Англија во 1998 година заминува во Холандија каде со прекини игра пет сезони. Три години во НЕЦ Нијмеген, па една во Цволе и во Ден Бош. Периодот поминат во Холандија му е доста успешен, со постигнати вкупно 27 гола. Во меѓувреме, по половина сезона настапува во Данфермлајн (Шкотска), Дебрецен (Унгарија), Хапоел Назарет (Израел), Олимпијакос (Кипар), Баку (Азербејџан) и Јиваскилан (Финска). Многу успешно настапува и за репрезентацијата на Македонија. Во периодот од 1995 до 2005 година има одиграно 49 натпревари со постигнати 17 гола и повеќе од 11 години е најдобриот репрезентативен стрелец на Македонската репрезентација.
Марија Чурлевска – Џидрова (1943), ракометарка
Со ракомет почнува да се занимава уште во најраната младост. Активна ракометарка е сè до 1964 година, кога го одигрува последниот натпревар за Ракометниот клуб Пелистер. Во единаесетгодишната ракометна кариера освојува бројни признанија и награди, а повеќепати е прогласувана за спортист на Македонија. По завршувањето на играчката кариера не се откажува од ракометот. Станува тренер и години со ред го пренесува искуството на младите ракометни надежи, стекнато во бројните натпревари за битолските екипи и Репрезентацијата на Македонија.
Носител е на „Сребрена плакета“ на РФМ по повод десетгодишнината на ракометот во Македонија. Слични награди добива и по повод одбележувањето на дваесетгодишнината и триесетгодишнината на ракометот во Македонија. Освен ракометарка, е и една од најдобрите кошаркарки на Битола. Во периодот од педесеттите до шеесеттите години практично се занимава и со сите други спортови. Битолските новинари ја нарекуваат прва дама на ракометот во Битола, прав виртуоз, човек исклучително надарен за сите спортски дисциплини.
Билјана Чурлевска-Маневска (1966), ракометарка
Родена во Битола. Истакната ракометна репрезентативка, позната во Македонија и Југославија. Со ракомет започнува да се занимава уште на десетгодишна возраст, а веќе на тринаесетгодишна возраст ги игра и првите натпревари за првиот тим на екипата на Пелистер. Како член на Младинската ракометна репрезентација на Македонија има освоено повеќе награди и први места, и речиси на сите е прогласувана за најдобар играч или стрелец на турнирите во Словенија, Хрватска и Македонија. Од 1976 до 1985 година година со Ракометниот клуб Пелистер освојува многу турнири и првенства како играч со најголем просек – 14 гола по натпревар. На седумнаесетгодишна возраст потпишува за ДИН во Ниш, каде после турнирот во Зајечар како најдобар играч, заминува во Раднички од Белград. Со нив игра на многу турнири, натпревари и меѓународни натпревари каде со Ракометната репрезентација – јуниорки го освојува златниот медал на Балканското првенство и е прогласена за најдобар стрелец. Поради повреда не патува на Олимпијадата во Сеул. По враќањето од Белград повторно му се враќа на стариот клуб Пелистер, сè до 1987/88 година кога настапува за Млаз – Богданци. Набрзо после породувањето се враќа на ракометните терени во 1990 година со екипата на Тутунски комбинат од Прилеп и е првата жена која после породување му се враќа на ракометот. Потоа следат настапите од 1993-1994 година за Копачка – Кичево, 1994-1995 година, повторно во Пелистер – Битола, 1995-1996 година за Кометал – Скопје со кои освојува Куп и првенства, па пак во Пелистер-Тат со кои го освојува второто место во шампионатот и Купот на Македонија, со што си обезбедува пласман за Европското првенство. Има играно и во клубови во Грција и тоа од 1998-2002 година во Етникос – Кожани, каде повторно е прогласена за најдобар стрелец на лигата, 2001-2004 година во Аминтас – Аминтео и 2004-2005 година, Филотас – Филота, кој е и нејзин последен клуб, кога поради повреда престанува професионално да се занимава со ракомет. Во 1988 година добива Плакета за придонес во ракометот, а како играч на Пелистер осумпати се наоѓа на листата на десетте најдобри спортисти на Битола. Од 2007 година работи како тренер на ракометната пионерска школа низ која поминаа многу наши сегашни ракометари и ракометарки. Со Чурлевска, како тренер, го освојуваат второто место во Фонко-лигата на Македонија (сребрен медал) и добива Диплома за успешна тренерска работа во категоријата кадети. Денес работи како ракометен тренер во ПРШ Битола за пионери и пионерки (најмлада категорија).
Боро Чурлевски (1965), ракометар
Роден во Битола. Еден од најдобрите ракометари на Македонија и поранешна Југославија. Кариерата ја започнува во Пелистер во 1984 година. Со екипата на Пелистер трипати ја освојува вицешампионската титула на Југославија. Играчката кариера ја поминува од 1984 до 1990 година во Пелистер, 1988 година во Црвенка (СЦГ), 1991/92 година во Тутунски комбинатм од Прилеп (прво место во Втората ракометна лига на Југославија), 1992/93 година во Борец, освоен Куп на Македонија, 1994/99 година во Пелистер, освоени четири првенства, четир Купа на Македонија, полуфинале во Купот на Куповите против Лемго, 1988 година во Бањик – Чешка освои второ место во првенството на Чешка, 1999/00 година во Килкис – Грција, освоено второ место во првенството на Грција, 2000/01 година во Ловќен од Цетиње. Одигра многу натпревари за националниот тим на поранешна Југославија, освојувајќи бронзен медал на Светското првенство во Романија. Тренерска кариера: 2001/02 година во Килкис – Грција (четврто место во првенството на Грција и четвртфинале во Челинџ-купот), 2002/03 година во Пелистер – Битола (ЕХФ Куп), 2003 година во Југ – Скопје (четврто место во првенството на Македонија), 2004 година Приштина, 2005 година во Кастриоти – Урошевац (освоен Куп на Косово), 2005 година во Беса од Пеќ (учество во ЕХФ Куп).
Неџат Хусеин (1962), фудбалер
Еден од најталентираните фудбалери во Битола и во тој период во цела Македонија. Голем дел од кариерата ја помина во матичниот Пелистер, а играше и во Турција. Настапи и за југословенската репрезентација, а во кулоарите важи за најдобриот фудбалски мајстор во градот под Пелистер. Започна тренерска кариера и ги водеше Пелистер (неколку пати), Победа, Шкендија, Струга, Напредок и уште многу други македонски клубови.
Благоја Китановски (1962), фудбалер
Роден е во Битола и ги минува сите младински категории на Пелистер. Робусен центарфор со неспорно фудбалско знаење и напаст за противничките одбрани. Во сезоната 1986/87 минува во Раднички Ниш, а следната сезона се сели во Шпанија како прв Македонец кој заигра во Примера. Потпиша за Сабадељ и мина две сезони на Пиринеите. Следи враќање во југословенската лига и потпис за Војводина. По завршувањето на кариерата во Пелистер, во матичниот клуб почнува тренерска кариера. Ги води и Тиквеш, Слога Југомагнат, Милано, а работи и како селектор на У21 националниот тим и спортски директор во повеќе клубови.
Иван Марковски (1976), ракометар
Изданок на школата на Пелистер, естремно талентирано десно крило кое брзо се наметнува во многу силна генерација. Во 2001 година прави трансфер во Метковиќ, а потоа и во Загреб. Следи кратко искуство во Италија, враќање во Вардар и Металург, па трансфер во Арагон. Кариерата ја завршува во матичниот Пелистер. Долги години со успех игра за националната репрезентација, каде е еден од првите капитени по осамостојувањето. Почнува тренерска кариера во ХЈС Работник (заедно со Зарков), а денес работи во Франција.
Бранислав Ангеловски (1977), ракометар
Роден е во Битола и ги минува сите школи на Пелистер. Брзо се наметнува со својот стил на игра во два правци. По неколку добри сезони во Вардар Ватростална, прави трансфер во Загреб. Неговата кариера често менуваше ракометни станици. Настапуваше во Швајцарија, Франција, ОАЕ, а кариерата ја заврши во романската Констанца. Во националниот тим одигра преку 150 натпревари и десетина големи натпреварувања. Кариерата ја заврши со спектакуларен проштален натпревар во Битола. Започна кариера како спортски директор во Доброгеа Суд од Констанца.
Тони Савевски (1963), фудбалер
„Бисер“ на школата на Пелистер кој многу рано прави трансфер во Вардар. Во 1988 година се сели во грчки АЕК и минува скоро цела кариера во атинскиот гигант. По 13 сезони во „жолти-црниот“ дрес ја завршува кариерата во 2001 година. Собра два настапи за југословенската и девет за македонската репрезентација. Почнува тренерска кариера и работи во Грција и Кипар.
Дејви Главевски (1967), фудбалер
Како напаѓач кој ветува дебитира за Пелистер во 1985 година. Следи трансфер во белградски Рад, каде минува две сезони. Пак се враќа во мак-фудбалот и го носи дресот на Пелистер и Тиквеш. Нов успешен чекор во кариерата му е преминот во дански Велје во 1996 година. За националниот тим на Македонија дебитираше со хет-трик против Лихтенштајн во Вадуз.
Николче Новески (1979), фудбалер
По најтешкиот пат дефанзивецот Новески од Пелистер и Новаци се сели во Германија. Од најниските рангови стигнува до капитенската трака во бундеслигашот Мајнц. Игра цела една деценија како стандарден првотимец во Бундеслигата – нешто што не му успеало на ниту еден Македонец. Кариерата ја завршува во 2015 година. За националниот тим запиша 64 натпревари и постигна пет гола.
Горан Ставревски (1974), фудбалер
Роден во село Поешево. Изгради одлична кариера како централен дефанзивец и гордо го носеше дресот на националната репрезентација. Во 1998 година се сели во Загреб и дел е од шампионската генерација на овој хрватски клуб. По пет сезони во Хрватска потпишува за турски Дијарбакир, каде минува четири сезони. Кариерата ја завршува во матичниот Пелистер. За репрезентацијата на Македонија запиша 40 настапи и постигна три гола. Почнува тренерска кариера во второлигашот Новаци.
Спасе Ристевски (1962), фудбалер
Еден од најкултните фудбалери во историјата на Пелистер. Цела кариера ја мина во матичниот клуб и важи за еден од фудбалерите со најголем број настапи во зелено-белиот дрес. Дел е од големите успеси во Втората југословенска лига и Купот на Југославија. Следи почеток на тренерската кариера, работи во младинските категории долги години, а како тренер на првата екипа го освојува Купот на Македонија во 2001 година (прв трофеј во историјата на клубот).
Кире Поповски (1974), ракометар
Еден од најталентираните ракометари од академијата на клубот. Цела кариера ја помина во Пелистер и ги освои сите трофеи во најдоброто време на клубот од Битола. Дебитираше во 1997 година, а дресот на битолскиот гигант го носеше до 2011 година. Стандардно игра во првите генерации на македонската репрезентација. Почнува тренерска кариера и работи со младинските категории на клубот.
Цане Крстевски (1955), ракометар
Член на златната генерација на Пелистер која првпат играше во европските клупски натпреварувања и се соочи со Атлетико Мадрид. Во мртвата трка со Металопластика за титулата во југословенската лига, Крстевски е дел од инцидентот во Битола, по кој е суспендиран до крајот на кариерата. Неговата тренерска кариера е феноменална. Како тренер на Пелистер ги освојува сите можни титули и денес е најтрофеен македонски ракометен тренер. Краток период беше и селектор на Македонија.
Кире Грозданов (1970), фудбалер
Eден од најталентираните фудбалери на својата генерација. Дебитира за Пелистер во 1988 година, уште како младинец. Се наметнува крај десната аут линија и дел е од првата генерација на македонската репрезентација која во Крањ ја совлада Словенија со 1-4. Во 1994 потпишува за Вардар и ги освојува сите трофеи во тимот воден од Ѓоко Хаџиевски. Следи премин во Победа и крај на кариерата во матичниот Пелистер. За националниот тим одигра седум натпревари. По завршувањето на кариерата работи со младите категории во клубот.
Наум и Љупчо Љамчевски, фудбалери
Браќата Љамчевски се меѓу најдобрите братски тандеми во македонскиот фудбал. Двајцата креативци во средниот ред изградија одлична кариера во битолски Пелистер, а Наум во еден период и во Шведска. Токму повозрасниот, Наум Љамчевски почнува и тренерска кариера, водејќи голем дел од македонските клубови, а беше дел и од У21 репрезентацијата.
Игор Николовски (1972), ракометар
Еден од идолите на битолските фанови заради својата посветеност кон клубот и човечност. Цела кариера ја мина во дресот на Пелистер од 1997 до 2011 година, за последната сезона во кариерата да ја мине во Беса од Косово. Се специјализира за играта во одбрана и покрај физичмката градба која беше импресивна. Ги освои сите трофеи на Пелистер во клупската историја, со што е единствен покрај Зарков и Поповски. Настапуваше и за македонската ракометна репрезентација.
Александар Зарков (1968), ракометар
Релативно млад доаѓа во Битола и засекогаш останува во конзулскиот град. Се наметнува на позицијата кружен напаѓач во Пелистер во 1997 година и секоја година реди успеси и трофеи. Во 2001 година заминува во грчкиот Дукас, каде со успех настапува четири сезони. Пак се враќа во Пелистер, накратко игра и за Металург, но кариерата ја завршува во зелениот дрес. За репрезентацијата на Македонија настапува цела една деценија. Почнува тренерска кариера, го води својот ХЈС Работник (заедно со Иван Марковски), а потоа и Еурофарм Пелистер 2.
Златко Димитровски (1970), ракометар
Како по семејната традиција, Златко дебитира за Пелистер во 1997 година, откако ги мина сите младински категории на клубот. По шест сезони и многу успеси за својот матичен клуб, заминува во скопските клубови Југ и Металург. Една сезона игра и за Тиквеш, па се одлучува за првиот меѓународен предизвик и неколку сезони игра во Унгарија. Кариерата ја завршува во Пелистер во 2011 година. Кратко работи во младинската школа на клубот и како спортски директор.
Звонко Шундовски (1967), ракометар
Како среден бек и кружен напаѓач во Пелистер ги освои сите трофеи во шампионските денови. Повредите попречија да изгради уште подобра кариера. Но, затоа како тренер оствари забележителни резултати. Со македонската репрезентација осовјува петто место на Европското првенство во Србија 2012 година, ги води и Пелистер и Металург, а најдолго останува во романска Констанца. Во еден период работеше и како селектор на Израел.
Седат Ќеримов (1964), боксер
Еден од најталентираните боксери во поранешна Југославија. Беше член на БК Пелистер во осумдесеттите години од минатиот бек. Во 1987 година го освојува „Златниот гонг“, а подоцна и вицешампионската титула во југословенскиот поединечен шампионат. Со југословенската репрезентација настапува на Европското првенство во Торино, а има и големи заслуги во промоцијата на БК Пелистер во Првата југословенска лига.
Составувачи и автори на номинираните: Науме Ѓоргиевски, Анета Стефановска, Светлана Талеска, Ленче Андоновска, Благој Николов, Гордана Пешевска (Градска Универзитетска библиотека – Битола)
Сигурно оваа листа можеше да биде уште подолга. Фудбалските асови Пепи Георгиевски, Трајановски, Томе Димитровски, Пачовски, Хаџиевски преку ракометарите Никола Христовски, Босеовски, Јусуфовски, ракометарките Бајрамоска и Маринковиќ, фудбалскиот судија Љубомир Крстевски, скијачките олимпијци Марковски и Стојановски, боксерите Рустемов и Мемедов, боксерскиот судија Цане Георгиевски, кик-бокс шампионите Тони Бошевски и Гордана Цветковска Бошевска, бодибилдерите Лазаревски и Срдиќ, легендарниот навивач Мате Шундовски и многу, многу други.





