Екипата на Пелистер денес ги започна подготвките за вториот дел од сезоната, а тренерот Милан Стојановски почетокот го означи со работеен состанок.
Битолскиот клуб подготовките ќе ги подели во два дела. Од денес до 17 јануари ќе тренира на својот стадион, а потоа ќе се пресели во Анталија, каде ќе мине двонеделни подготовки. Во Анталија, Пелистер договори три контролни натпревари преку кои ќе ја бруси формата.
„Почнавме со подготовките и наскоро ги очекуваме засилувањата за пролетниот дел од сезоната. Досега донесовме двајца играчи, но работиме и на други трансфери. Се трудиме да доведеме напаѓач, лев бек и еден стопер, иако знаеме дека зимскиот преоден рок нуди ограничени можности. Очекувам далеку подобри резултати до крајот на сезоната. Тоа го заслужуваат и градот и навивачите и Пелистер како клуб.
Одработивме еден тренинг и полека влегуваме во ритам. На 17 јануари заминуваме за Анталија, управата ни излезе во пресрет и на мое барање ќе одиме во Турција, каде времето е прекрасно, има добри терени, но и одлични противници за пријателски натпревари.
Натпреварите се убав дел од фудбалот, но мене повеќе ме интересираат тренинзите. Ќе работиме по двапати дневно и ќе ја темпираме формата. Сакаме да ги воиграме и новите фудбалери, па затоа мислам дека ова ќе биде одлична прилика.
Се надевам дека нема да имаме повреди, како што беше случај на крајот на есенската полусезона. Теренот во Битола беше лош и тоа доведе до неколку повреди, па затоа сакав да се подготвуваме во Анталија“, изјави Стојановски.
Првиот пролетен натпревар пелистерци ќе го одиграат на 7 февруари против Работнички во Битола.





