Кошаркарите на Пелистер се елиминирани од квалификациите за Лигата на Шампионите откако „зелено-белите“ попладнево во квалитетен дуел загубија од Реџо Емилија со резултат 99-87. „Пелистерци“ и покрај проблемите и неиграњето на двете американски засилувања се прикажаа во добро светло, храбро парираа на противникот на долги периоди, но сепак немаа сила за сензација на почетокот од турнирот што се одржува во Самоков, Бугарија.
Дуелот беше израмнет само во првите неколку минути, а Пелистер единственото водство го имаше кога Си-Џеј Вилсон погоди тројка за 5-4, по што следеше рафална стрелба на италијанскиот тим. Кошаркарите на Реџо Емилија погодија шест тројки од првите седум обиди од далечина, поведувајќи со 26-15, по што тренерот Даскаловски побара тајмаут. Пелистер подобро ја заврши четвртината што финишираше со 31-23, а потоа „пелистерци“ на стартот од вториот период намалија и на 31-27, но следеше нова серија на противинкот кој експресно ја врати позитивата на двоцифрена разлика
Битолчани покажаа фантастичен карактер, не предавајќи се, во третиот период заиграа подобро во одбраната, влегоа и во серија прецизни шутеви од далечина, па со тројките на Малешевиќ и на Стајиќ ја намалија разликата под 10 поени (66-57). За момент разултатот се спушти на „минус седум“ (66-59), Пелистер беше и повеќе од достоен ривал во овој период од мечот, а кога Реџо Емилија поведе со 70-60, тренерот Даскаловски реши да побара тајмаут. Во последните минути од четвртината Пелистер не реализираше четири слободни фрлања со кои можеше посериозно да се одлепи, па во четвртиот период се влезе со водство на италијанскиот претставник од 74-62.





