Марјан Секуловски го презеде Пелистер и под свое водство го одржа првиот тренинг со клубот од Битола. Старо-новиот тренер на „зелените“ доаѓа на кормилото во специфична ситуација, кога пелистерци се борат за опстанок и се наоѓаат во опасната зона.
Секуловски истакна дека од сите играчи го бара максимумот, без разлика кои се и што се, со цел да се освојат што е можно повеќе бодови и Пелистер да се спаси во најдобриот шампионат на Македонија.
„Со моето назначување и со првиот тренинг, влегуваме во период од два месеци во коишто имаме една и единствена цел, тоа е сите заедно да го опстанеме Пелистер во Првата лига. Моменталната состојба на табелата е позната, не треба да ја објаснувам, а ако и ја објаснувам нема ништо да добијам. Од денес влегуваме во циклус од два месеци по кој ќе можеме гордо да излеземе од оваа врата и да стои во историјата дека сме го спасиле клубот во Првата лига. Не е важно како, важно е да се победува и да се освојуваат бодови, за да се излезе од ситуацијата во којашто се наоѓаме моментално. Не е добро да дојдеш како тренер на два месеци пред крај на сезона, да стартуваш на ваков начин, но некој мора да го преземе и тој жежок костен. Двата меча кои ни следат се знаат, Шкендија и Вардар во период од четири дена. Ние ќе одиме од меч во меч. Прво ќе се подготвиме за Шкендија, потоа за Вардар. Јас од играчите барам да го дадат максимумот на секој меч независно од името на ривалот или неговата позиција. Искуството ми вели дека кога секој го дава максимумот, колективот добива и ништо не е невозможно. На секој меч ќе имаме јасна цел, за да извлечеме позитивни резултати. Од сите играчи очекувам да се стават во служба на клубот и да ја оствариме зацртаната цел. Не ме интересира ниту име, ниту презиме, туку играчи – професионалци, со максимум на терен, за да излеземе од оваа ситуација во која што се наоѓа Пелистер“, изјави Секуловски.
Пелистер во моментов се наоѓа на десеттото место на табелата во Првата лига на Македонија со 22 освоени бода. Тоа е позиција која носи во понизок ранг, со оглед на тоа што три екипи испаѓаат од ПМФЛ сезонава. Пред него во бараж-зоната се Македонија ЃП со 23 бода и Брера Струмица со 28 бода.





