Два златни и еден сребрен медал за Самурај на Балканското првенство во кик-бокс

На Балканското првенство во кик-бокс, кое се одржа во Нови Сад – Србија, во состав на македонската мау-таи кик-бокс репрезентација учествуваа и три натпреварувачки во сениорска конкуренција, членки на КБК Самурај од Битола, кои освоија два златни и еден сребрен медал за националниот тим.

Најпрво Дамјана Пеовска, во дисциплината кик-лајт сениори до 70 кг. При тешка борба загуби во финале од натпреварувачката од Србија, Јелена Седоглавиќ, при што освои сребрен медал. Мила Мартинез Крстиновска во финале во категорија до 60 килограми ги вкрсти ракавиците со Горјана Николоска, исто така од нашиот национален тим, при што со прекин ја доби борбата, и освои златен медал.

Леа Бошевска во категорија сениори до 50 килограми во дисциплината кик-лајт, во полуфинале со целосна доминација во сите три рунди ја победи бугарската репрезентативка Марија Јанева, со што обезбеди пласман за во финале. Финалната борба предизвика вистинска атракција, бидејќи за противничка ја имаше српската репрезентативка Лидија Абазовски, во борба во која Леа беше апсолутно надмоќна, што доведе до прекин во третата рунда.

Со тоа Леа Бошевска како член на македонската кик-бокс мау-таи репрезентација стана балкански првак, а воедно е прогласена и за најдобар борец во сениорска конкуренцијаб за што доби посебно признание, пехар со посебна посвета.