Еурофарм Пелистер 2 ги започна подготовките за новата сезона, а капитенот Стефан Дрогришки порача дека тимот има потенцијал да остави силен впечаток и да биде вистински спој на младост и искуство.
Дрогришки истакна дека голем дел од ростерот е составен од талентирани млади ракометари кои се подготвени да ги покажат своите квалитети, но нагласи дека во тимот има и искусни играчи кои ќе им помогнат во развојот.
„Се надевам дека оваа сезона ќе се покажеме во вистинско светло. Екипата е претежно составена од млади ракометари кои се на прагот да се истакнат со своите квалитети. Исто така имаме докажани ракометари, а дел допрва треба да го направат тоа. Мило ми е што сум дел од оваа екипа и што ќе соработувам со Бранислав Ангеловски. Под негово водство мислам дека можеме да направиме добра хемија и работна атмосфера во која ќе произлезат уште многу млади ракометари од оваа школа“, изјави капитенот на битолчани.
Еурофарм Пелистер 2 и во новата сезона ќе се потпира на развојот на младите ракометари, кои треба да бидат иднината на битолскиот и македонскиот ракомет.





