Екипата на Кожуф освои голем бод во денешното соочување против фаворитот Пелистер во единаесеттото коло во ВМФЛ. Ланскиот прволигаш не успеа да го сочува стекнатото водство од првиот дел и на крај мораше да се задоволи само со еден бод (1-1).
Пелистерци први зададоа удар во Гевгелија и преку поранешниот репрезентативец Кире Ристовски поведоа со 1-0. Се играше 20 минута кога Мирчевски изведе корнер од левата страна, а највисок во скокот беше искусниот дефанзивец кој со глава ја смести топката во посакуваната цел.
„Зелено-белите“ со минимално водство заминаа на пауза, но на стартот од вториот дел Кожуф израмни. Боев испрати незгодна топката кон гостинскиот гол, која од стативата се одби од голманот Димовски и заврши во мрежата за 1-1.
Во самиот финиш пелистерци останаа со играч помалку, откако поради прекршок надвор од својот шеснаесетник, Димовски доби директен црвен картон, а ракавиците ги презеде напаѓачот Христов. До крајот битолчани имаа уште едена полу-шанса, но натпреварот заврши без победник.
За разлика од битолчани, победа по пауза од четири натпревари забележа тимот на Новаци, кој со головите на Сиљановски и Милевски на свој терен со 2-0 го надигра ланскиот прволигаш Македонија ЃП.
По единаесет одиграни кола лидер е Охрид со 28 бода, три повеќе од Пелистер, додека Работнички е трет со 24 бода.





