Со пет нови одбојкарки и значително поамбициозен проект, Пелистер волеј се врати во Суперлигата и не крие дека сака да остави трага. Со репрезентативни засилувања и две странски одбојкарки пелистерки веруваат дека на пат се да изградат компетитивен тим.
Стручниот штаб откри дека подготовките течат според планот и следна цел е создавање на тимската хемија, што е предуслов за добра сезона и позитивни резултати.
„Ова е еден голем проект, кој што е осмислуван подолго време. Зад него застанаа голем број на луѓе, посебно Општина Битола, но и голем број на спонзори кои ја препознаа нашата работа и амбициозност. Пресреќно сме што новата сезона ја почнува бомбастично. Очекуваме високи амбиции, апетитите растат, но мора да бидеме внимателни. Суперлигата е многу моќна, на повисоко ниво од минатите сезони и нема да биде лесно.
Екипата започна со подготовки на почетокот на август и сега играме контролни натпрвари за да се воиграме. Пред неколку дена играме тест меч во Србија со нашите пријатели од Врање и одигравме одличен натпревар. На секоја позиција имаме нов играч и сега треба да ги видиме сите недостатоци и ни треба време за воигрување. Ни следат уште доста натпревари, а тука е и нашиот традиционален турнир кој ќе се одржи на 21 септември и тоа ќе биде прв посериозен тест. Ќе ни гостуваат Панда Врање, Струмица Жени и УГД Штип. Се подигна духот и енергијата во екипата со доаѓањето на новајлиите и спојот со староседелците ќе ни донесе добра хемија. Се обидуваме адаптирањето да трае пократко и да ја воиграме екипата што е можно побрзо“, вели тренерот Роберт Митковски.
Новата сезона во одбојкарскиот шампионат на Македонија почнува на стартот од октомври.





