Со поголем број настани навивачката група „Чкембари“ од Битола го прослави својот 40. роденден, а централната манифестација се одржа како и доликува низ центарот на Битола. Се славеше од плоштадот „Магнолија“, преку Широк Сокак, се заврши во спортската сала „Боро Чурлевски“ на ракометниот натпревар од Лигата на шампиони на Еурофарм Пелистер. Прославата започна на „Магнолија“, каде имаше и голем концерт со музичка група и ди-џеј, со многу навивачки песни, со навивачки реквизити, со пиво, со факли и многу средби, на навивачите од сите категории. Секако им се оддаде признание на основачите на најстарата навивачка група во Македонија, кои со организирано навивање започна, пред 40 години, во 1985 година, на 25 септември.
На „Магнолија“ беше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој им упати честитка и рече:
„Секогаш и секаде за Пелистер, 40 години “„Чкембари“ – навивачката група која остави длабок печат во спортскиот и културниот идентитет на градот. „Чкембари“ во изминатите четири децении непрекинато ги поддржуваат битолските клубови под знамето на Пелистер. Нивните препознатливи бои се зелено-бела, а северната трибина е нивниот „дом“ на натпреварите“.
Јубилејот „40 години Чкембари“ е повод Битола да се потсети на многубројните дерби натпревари, европски натпревари и големи победи на Пелистер, но и на дисциплината, континуитетот и страста што групата ги одржала во континуитет од 1985 до денес. Во јавните профили на групата се истакнува дека годишнината не е само датум, туку континуитет и стандард што „Чкембари“ го поставиле на домашната сцена.„
40 години љубов, верност и гордост“ – слоган што совршено го опишува духот на групата која останува „срцето на Битола“.





