(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)
1976 – ТИТУЛАТА НАЈДОБАР – РЕЗЕРВИРАНА ЗА АТЛЕТИЧАРИТЕ
И во 1976 година за спортист на годината беше избран атлетичар, Демир Даутовски. Во тоа време најсиромашниот клуб, АК „Олимпија”, кој работеше во најтешки услови во Македонија, под раководството на тренерот Илија Чулаков, кој го наследи својот брат Васко Вангелов, даде плејада атлетичари кои ја ширеа славата на Битола насекаде.
Изборот на најдобрите спортисти за 1976 година се одржа во просториите на СОФК-а при крајот на декември. Годинава беше направен обид во традиција да прерасне навиката, покрај најдобрите спортисти, да се избираат, или признанија да им се оддаваат и на спортски работници. Комисијата, пак, ја сочинуваа искусни спортски работници и спортски новинари. Манифестацијата полека ја преземаше СОФК-а.
Еве како изгледаше ранг-листата на најдобрите спортисти за 1976 г.
- Демир Даутовски (атлетика)
- Марина Велковска (скијање)
- Благој Бошевски (пинг-понг)
- Зорица Пејчинова (ракомет)
- Лилјана Наумова (ракомет)
- Лилјана Свидерска (пливање)
- Димитар Славковски (фудбал)
- Јоше Георѓиевски (карате)
- Љупчо Стојчевски (моделар)
- Пеце Смилевски (гимнастичар)
Јуниорот Демир Даутовски од АК „Олимпија” немаше којзнае какво искуство зад себе кога се закити со титулата најдобар спортист на Битола. На 3 илјади метри, со време од 8:53,3 с. (корегирана единица од дес. во с., за секунди), постигна нов македонски рекорд на оваа патека и тоа по 12 години. Така стана член на јуниорската и сениорската репрезентација на Македонија. Беше еден од најиздржливите атлетичари на долги патеки.
За скијачката Марина Велковска 1976 година беше доста успешна. Беше прва на меморијалот „Биро” во Крушево, прва во велеслалом на републичкото првенство, прва на , Ноќната снегулка” во Маврово во велеслалом, прва во слалом на тримечот Србија – Ц.Гора – Македонија, прва во слалом на средношколското првенство…
Трет на ранг-листата е пингпонгарот Благој Бошевски. Зад него се бројни успеси. Со негова заслуга,Пелагонија” рефлектира на првото место. Од 45 првенствени средби, 40 реши во своја полза.
Зорица Пејчинова, во ЖРК „Пелагонија”, веќе неколку години беше лидер на својата екипа и најдобар стрелец во тимот и втората лига.
И Лилјана Наумова, стандардна првотимка на ЖРК „Пелагонија”, исто така, имаше големи заслуги за пласманот на својата екипа.
Пливачкиот спорт е тежок и напорен, но тоа не важи и за Лилјана Свидерска, објави комисијата при прогласувањето на Лилјана дека е меѓу десетте најдобри спортисти на Битола за 1976 г. Оваа надарена пионерка на сите републички првенства се претстави во најдоброто светло. Стана рекордерка на 50 м. грбно и штафета на 100 м. Најуспешна пливачка за оваа година е во ПК ,,Jуг”.
ФК „Транскоп” во последните години бележи големи успеси. Покрај другите, за високиот пласман, големи заслуги голманот Димитар Славковски, кој брани во голем стил. На 27 првенствени натпревари прими само 20 голови, што во просек изнесува помалку од еден гол на натпревар.
Каратето во Битола сé повеќе ги освојува младите. По заслуги И на Јоше Ѓеорѓиевски, Медицинскиот факултет во Скопје. Годинава Јоше се истакна со големо залагање и придонесе битолските каратисти да освојат голем број бодови.
Активниот моделар Љупчо Стојчевски на натпревари го освои првото место, на републичкото првенство на млади техничари го освои второто, а на републичкото моделарско првенство беше прв и се здоби со титулата републички првак.
На десеттото место се пласира републичкиот првак во гимнастика Пеце Смилевски. Овој надежен вежбач беше прв на отвореното поединечно првенство, трет на републичкиот повеќебој, а освојувајќи го петтото место на државното првенство во повеќебој докажа дека е еден од најперспективните македонски вежбачи.






