Наум Симјановски – скијање – најдобар меѓу најдобрите во Битола за 1979 година

(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)


1979 – ПО СПИРОВСКИ – СИМЈАНОВСКИ

Сојузот за физичка култура Битола, Изборот на најдобрите спортисти за 1979 година го изврши на 26-ти декември. За спортист на годината беше избран скијачот Наум Симјановски. Исто така, им беа доделени награди и признанија на клубови и поединци. Свеченоста се одржа во малата сала на Собранието на Општината.

Најдобриот спортист за 1979 година Наум Симјановски е член на ПСД „Ѓорѓи Наумов”. Во оваа година учествуваше на сите натпревари на коишто беше или прв или меѓу тројцата први. Симјановски е кандидат за Државната и олимписката репрезентација.

Атлетичарот Стевче Ѓеорѓиевски по втор пат се најде на второто место на најдобрите спортисти. Негова специјалност се патеките 3000, 1500 и 800 метри. Во оваа година на два пати го собори републичкиот рекорд, а одлични резултати избори и на сојузните кросеви. Младиот средношколец од Битола трчаше и во дресот со државниот грб.

Златко Пецаковски е трет на ранг-листата. Носител е на повеќе медали, учесник е на Балканскиот куп и многу други боречки манифестации. Со државниот грб на градите настапи и на Медитеранските игри во Сплит…

Целосна ранг-листа на најдобрите спортисти за 1979 година:

  1. Наум Симјановски (скијање)
  2. Стевче Ѓеорѓиевски (атлетика)
  3. Златко Пецаковски (борење)
  4. Ице Ристевски (велосипедизам)
  5. Лена Стојчева (стрелаштво)
  6. Невзат Мисими (бокс)
  7. Стевче Стефановски (ракомет)
  8. Златко Бендевски (кошарка)
  9. Димче Петковски (пинг-понг)
  10. Живко Бошевски (одбојка)

Во училишните олимписки игри во оваа година најдобри резултати постигнаа ракометната и кошаркарската екипа на основните училишта „Даме Груев” и „Кирил и Методиј”.

Комисијата награди и шест други клубови кои во 1979 -тата година остварија добри резултати.

На прво место се шахистите на ШК „Стево Патако” за освоеното прво место во Републичката лига и влегувањето во Втората сојузна лига. Шахистите во оваа година беа единствените од Битола што се натпреваруваа во сојузна лига.

За освоеното прво место во МРК (мажи), на второ место се пласира РК „Пелистер”, а за извонредни резултати во 1979 година на трето место се најде боречкиот клуб „Пелистер”. На четврта позиција е ДТВ „Партизан” од с. Оптичари.

Петтото место им припадна на кошаркарите на „Пелистер” за освојувањето на првото место во Пелагониската кошаркарска лига. Шестото место го освоија одбојкарите на „Пелистер” за освоеното челно место во Пелагониската зона.

За извонредни резултати посебни признанија им беа доделени на планинарите: Иванчо Ѓеорѓиевски, Никола Гемтовски, Димитар Илиевски и Ѓорѓи Костовски за искачувањето на Мон Блан.

Комисијата за избор на спортисти посебни признанија им додели и на: Илија Чукалковски, Васко Вангелов, Ѓорѓи Димиќ, Славица Марковска, Дорче Ристанчевски и Максим Ѓеорѓиевски.

И годинава продолжи принципот за избор на најдобрите спортисти да се почитуваат предлозите од самите клубови.