Стевче Ѓеорѓиевски – атлетика – најдобар меѓу најдобрите во Битола за 1980 година

(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)


1980 – СТЕВЧЕ ЃЕОРЃИЕВСКИ ДОТРЧА ДО НАЈВИСОКИТЕ ПРИЗНАНИЈА

1980 година, без сомнение, мина во знакот на атлетичарот на АК „Олимпија”, Стевче Ѓеорѓиевски, кој за оваа година беше прогласен за спортист на Битола, а исто така го доби и високото градско признание Наградата „4 Ноември”. Ова признание пред него, од спортистите, го имаше добиено само Вера Велјановска.

Така, како што се зборуваше за Вера Велјановска пред пет-шест години, толку во последно време е актуелен и Стевче Ѓеорѓиевски. Во 1980 година оствари бројни резултати. Ќе спомнеме само дека беше прв на Балканскиот крос во Крајова, на Балканските игри во Солун, постигна одличен резултат на тримечот во Франција, како и на повеќе кросеви во земјата.

Ранг-листа на најдобрите за 1980 г.

  1. Стевче Ѓеорѓиевски – атлетика
  2. Јорго Огненовски – карате
  3. Сејдо Амедовски – бокс
  4. Ице Ристевски – велосипедизам
  5. Абдула Јусуфовски – ракомет
  6. Горан Апчевски – пинг-понг
  7. Љупчо Спировски – скијање
  8. Васко Митревски – фудбал
  9. Мирјана Мрсковска – стрелаштво
  10. Златко Котевски – џудо

На второ место на ранг-листата на најдобрите се пласира каратистот Јорго Огненовски, којшто на неколку пати во оваа година покажа дека спаѓа во редот на југословенската карате елита. Носител е на титулата државен првак во полутешка и апсолутна категорија.

„Атомската” ракавица Сејдо Амедовски го освои третото место. Во текот на целото првенство бележеше победи. А силен впечаток остави и на „Златниот гонг” во Скопје по што го привлече вниманието на пошироката југословенска боксерска јавност.

На 4-то место се најде вљубеникот на велосипедските патеки Ице Ристевски. И без него како да не можеше да се замисли ранг-листата на најдобрите спортисти на Битола. Во оваа година, особено изненади со победата над Арсовски од Скопје со што потврди дека е најдобриот велосипедист во Македонија.

Петтото место му припадна на Абдула Јусуфовски, ракометар на „Пелистер”. Со неговите креативни игри, популарниот „Пелистер” многу полесно доаѓаше до посакуваните победи.

Шесттото место му припадна на пингпонгарот Горан Апчевски, големата надеж на битолскиот, но и на македонскиот пинг-понг.

Искусниот Љупчо Спировски овојпат мораше да се задоволи со пласман на седмото место, што значеше дека уште не се „предава”.

Осмото место му припадна на фудбалерот Васко Митревски, стандарден првотимец, или, како што тогаш се велеше, „душата на тимот”.

Мирјана Мрсковска од стрелачката дружина во с. Буково веќе беше искусен стрелец. Успеси постигнуваше на сите стрелачки манифестации на општинско и републичко ниво.

На десеттото место се најде џудистот Златко Котевски, кој, исто така, значеше за еден од најдобрите во својата категорија во градот и пошироко.

Награди и признанија им беа доделени и на повеќе друштва и спортски организации, потоа на Воената пошта 9190, Месната заедница „Вељко Влаховиќ”, на селото Буково и на Општинското фудбалско подрачје.

Признанија добија и БК „Пелистер”, женската кошаркарска екипа „Пелистер”, џудо клубот „Пелистер” и Планинарско скијачкото друштво „Пелистер”, како и спортските работници Александар Зариевски, Тодор Даскалов и Димче Миновски.

Во организација на СОФК-а, Изборот на најдобрите спортисти за 1980 година се изврши на свеченоста што беше одржана при крајот на декември.