(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)
1984 – АЛПИНИСТИТЕ НА ВРВОТ
И во 1984 година имаше два избора. Читателите на Битолски весник и комисијата на СОФК-а беа едногласни кога за спортисти за 1984 годината ги прогласија алпинистите: Ѓорѓи Костовски, Благојче Лазаревски и Димитар Илиевски. Битолски весник изборот го направи на крајот од 1984, а СОФК-а – на почетокот на 1985 г.
Читателите на Битолски весник одлучија ранг-листата да изгледа вака:
- Ѓорѓи Костовски, Благојче Лазаревски и Димитар Илиевски (алпинизам)
- Драган Канатларовски ( фудбал)
- Пепи Манасков (ракомет)
- Сакип Рустемов (бокс)
- Жана Клочева (кошарка)
- Благој Китановски ( фудбал)
- Наум Симјановски ( скијање)
- Зоран Дранговски ( џудо)
- Ферзи Нурединовски ( борење)
- Миле Огненовски ( стрелаштво)
Ранг-листа на комисијата на СОФК-а:
- Ѓорѓи Костовски, Благојче Лазаревски и Димитар Илиевски (алпинизам)
- Драган Канатларовски ( фудбал)
- Сакип Рустемов (бокс)
- Пепи Манасков (ракомет)
- Ферзи Нурединовски ( борење)
- Миле Огненовски (стрелаштво)
- Жана Клочева ( кошарка)
- Константин Хаџи Трифун (кошарка)
- Антонио Илиовски (стрелаштво)
- Дарко Стојчев и Нели Ангелова (скијање)
Изборот на десетте најдобри спортисти за 1984 г., во организација на СОФК-а, се одржа во големата сала на Спомен домот на културата во присуство на голем број поклоници на спортот. Како ретко кога, со масовен аплауз беше поздравена одлуката на комисијата за спортисти на Битола да се прогласат „тројцата мускетари”, односно алпинистите кои по планинските беспаќа, зад себе оставија видливи траги.
За развојот на спортот во Битола зборуваше претседателот на СОФК-а, Димче Миновски, кој воедно ИМ ги врачи и признанијата на заслужните спортисти. Свечената атмосфера беше збогатена со богата културно-уметничка програма, со настапот на КУД „Илинден” и „Александар Турунџев”.
Ѓорѓи Костовски, Благојче Лазаревски и Димитар Илиевски, на ПСД „Пелистер”, во 1984 г., како членови македонската алпинистичка експедиција, се искачија на врвот на Комунизмот на Памир, во СССР, висок 7.400 м. Тројцата битолски алпинисти се искачија и на врвовите Чупикалки на Андите во Јужна Америка ( 6.400 м), Хуаскаран (јужен и северен 6.600 и 6.800 м), Врвот на четворицата на Памир ( 6.400 м)…
Втор на ранг-листата се најде Драган Канатларовски, фудбалер на ФК „Пелистер” кој со игрите што ги прикажа во 1984 г. даде голем придонес за успехот на својот клуб и избори место во аматерската репрезентација на Југославија.
Трет беше Сакип Рустемов, боксер на БК „Пелистер”, кој во 1984 г. во сите мечеви боксуваше во извонредна форма.
Ракометарот на РК „Пелистер”, Пепи Манасков, сосема заслужено се пласира на 4-то место на ранг-листата на најдобрите спортисти. Пепи Манасков набргу стана миленик на битолската публика и ракометар којшто се одликуваше со силен и прецизен шут и секогаш беше меѓу најдобрите стрелци.
Петти е Ферзи Нурединовски, борач на БК „Пелистер”, без кого во годината што измина не можеше да се состави поставата на неговиот клуб. Итер и вешт, храбар и пожртвуван, секогаш носеше вредни поени за битолската боречка експедиција.
На шестото место се најде стрелецот Миле Огненовски, кој, откако се врати од Скопје, речиси целиот свој живот го посвети на стрелаштвото, постигнувајќи извонредни резултати на општинските, републичките и сојузните првенства, особено со „друлов пиштол”.

Седма е кошаркарката на КК „Битолатекс”, Жана Клочева, во 1984 година една од најдобрите битолски кошаркарки.
Осми беше Константин Хаџи Трифун, кошаркар без кого, исто така, не можеше да се замисли битолската кошаркашка екипа. Одличен организатор и стрелец во екипата.
Деветти беше Антонио Илиевски, доајен на стрелачкиот спорт, активен стрелец и организатор.

Десеттото место комисијата им го подели на младите скијачи на ПСД „Пелистер”, Нели Ангелова и Дарко Стојчев.






