(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)
1986 – СИТЕ ПОЧЕСТИ ЗА МАНАСКОВ
На свеченоста, што се одржа на крајот од јануари 1987 година, за спортист на Битола за 1986 година, беше избран ракометарот на „Пелистер”, Пепи Манасков. Најуспешна екипа беше РК „Пелистер”, на второ место се најде БК „Пелистер”, а на третото – ПСД „Пелистер”
Ранг-листа на најдобрите за 1986 г:
- Пепи Манасков (ракомет)
- Златко Пецаковски (борење)
- Дарко Стојчев (скијање)
- Петар Трсунов (атлетика)
- Сакип Рустемов (бокс)
- Драган Бочевски (фудбал)
- Билјана Чурлевска (ракомет)
- Зора Велковска (кошарка)
- Весна Атанасова (скијање)
- Коста Хаџи Трифун (кошарка)
Манифестацијата, во целосна организација на СОФК-а, се одржа во големата сала на Собранието на Општината Битола. Листата ја состави комисијата за избор на десетте најдобри спортисти на СОФК-а.
Пред голем број спортисти и спортски работници за спортист на годината е прогласен ракометарот на „Пелистер”, Пепи Манасков, кој е еден од најдобрите ракометари на битолскиот прволигаш и најзаслужен за последните успеси на РК ,,Пелистер” во 1986 г.
На второто место се пласира борачот на „Пелистер”, Златко Пецаковски. Пецаковски е еден од најдобрите борачи не само во Битола, туку и во Републиката, па и пошироко. Во категоријата до 100 кг. е трикратен државен првак.
Комисијата за избор на спортист на годината при СОФК-а Битола, третото место му го додели на битолскиот „Крижаљ” Дарко Стојчев. Стојчев во 1986 година стана балкански шампион во слалом и велеслалом.
Атлетичарот на АК „Олимпија”, Петар Трсунов, со своите извонредни резултати на атлетската патека во минатата година се пласира на 4-то место од ранг-листата.
На петтото место се најде Сакип Рустемов, кој е еден од најзаслужните за пласманот на БК „Пелистер” во Првата сојузна боксерска лига.
Шести е фудбалерот на „Пелистер”, Драган Бочевски. Понатаму следуваат: Билјана Чурлевска ( ракомет). Зора Велковска (кошарка), Весна Атанасова (скијање) и Коста Хаџи Трифун (кошарка)






