Седат Ќеримов – бокс – најдобар меѓу најдобрите во Битола за 1987 година

(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)


1987 – ПИЕДЕСТАЛОТ ЗА СЕДАТ ЌЕРИМОВ

При крајот на декември 1987 година и на почетокот на јануари 1988 година Битолски весник, Секцијата на спортските новинари и комисијата на СОФК-а ги избраа најдобрите спортисти за 1987 година. И на едната и на другата листа на прво место беше боксерот на „Пелистер”, Седат Ќеримов. Најмногу, токму тука, се совпаднаа мислењата на битолските спортски работници.

Редакцијата на Битолски весник и Секцијата на спортските новинари на јавноста ú ја презентираа следната ранг-листа на најуспешните спортисти за 1987 година:

  1. Седат Ќеримов (бокс)
  2. Златко Пецаковски (борење)
  3. Николче Ковачевски (скијање)
  4. Влатко Богдановски (шах)
  5. Боро Чурлевски (ракомет)
  6. Коста Хаџи Трифун (кошарка)
  7. Зорица Катиновска (кошарка)
  8. Јордан Велевски (автомобилизам)
  9. Весна Дунимагловска ( скијање)
  10. Клаудија Нешковска ( гимнастика)

Според Битолски весник, РК „Пелистер” беше избран за најуспешна екипа за 1987 година.

Овој избор се направи на крајот од 1987 г., а на почетокот на 1988 г., СОФК-а, на пригодна свеченост ги прогласи најдобрите спортисти на Битола за 1987 г. Еве ја ранг-листата на најдобрите според комисијата на СОФК-а:

  1. Седат Керимов (бокс)
  2. Пепи Манасков (ракомет)
  3. Златко Пецаковски (борење)
  4. Влатко Богдановски (шах)
  5. Војо Атанасовски (скијање)
  6. Блага Николовска (кошарка)
  7. Милорад Петровски (атлетика)
  8. Зоран Спиров (кошарка)
  9. Пеце Николовски (стрелаштво)
  10. Томе Стојчев (скијање)

Изборот на најдобрите се одржа во големата сала на Спомен домот на културата.

Минатата година за Седат Ќеримов беше најуспешна. Тој во 1987 г. е освојувач на Деветнаесеттиот „Златен гонг” што претставува најголем меѓународен успех во неговата мошне богата боксерска кариера. Со освојувањето на „Златниот гонг”, Керимов се вброи меѓу легендите на југословенскиот бокс. На државното првенство во Бања Лука, Керимов, ја освои вице шампионската титула, а во 1987 г. ги бранеше боите и на југословенската репрезентација, учествувајќи на европскиот шампионат во Торино. Керимов, исто така, има големи заслуги што БК „Пелистер” избори опстанок во мошне силната Прва боксерска сојузна лига.

На второ место се најде ракометарот на РК „Пелистер”, Пепи Манасков, кој беше прогласен за спортист на годината претходната година. Манасков и во 1987 г. продолжи со успешни настапи. Благодарение на него, „Пелистер” го оствари најголемиот успех во својата историја. Манасков беше на ранг-листата и на најдобрите десет спортисти на Македонија.

На третото место се најде, стариот познаник” меѓу најдобрите, борачот Златко Пецаковски, кој во 1987 г. на државното првенство во борење, што се одржа во Битола, во категоријата на борачи над 100 кг. ја освои титулата државен првак и беше еден од најзаслужните за пласманот на „Пелистер” во Првата сојузна лига.

За шахистот Влатко Богдановски беше „резервирано ” четвртото место. Богдановски ја освои титулата републички првак и се вброи меѓу најдобрите шахисти во Македонија.

На петтото место се пласира скијачот на „Пелистер”, Војо Атанасовски, кој е еден од најдобрите алпски скијачи во Македонија.

Шестото место Й припадна на кошаркарката на „Битолатекс”, Блага Николовска. Николовска e стандардна првотимка на битолските „текстилки” и една од најдобрите кошаркарки во Републиката.

На седмо место се пласира атлетичарот на АК „Олимпија”, Милорад Петровски, кој минатата година стана републички првак на 400 м.

На кошаркарот на ЗИК „Пелагонија”, Зоран Спиров, комисијата на СОФК-а му го додели осмото место. Со своите игри беше еден од најзаслужните што ЗИК „Пелагонија” го постигна својот најголем успех.

Деветти беше стрелецот Пеце Николовски, кој зад себе остави резултати на кои се восхитуваа и поискусните стрелци од Битола.

На десеттото место на најуспешните за 1987 г. се пласира скијачот на „Пелистер”, Томе Стојчев, кој на сите скијачки манифестации водеше тешки битки за што подобар пласман.

За најуспешна екипа за 1987 г. беше прогласен РК „Пелистер”. Така беше и при одлучувањето во редакцијата на Битолски весник и Секцијата на спортските новинари. РК „Пелистер” во 1987 г. го освои второто место на табелата во Првата сојузна ракометна лига и се пласира во осминафиналето на Купот на меѓународната ракометна федерација.

На второ место се најде кошаркашката екипа на ЗИК „Пелагонија”, а третото место, комисијата му го додели на боречкиот клуб „Пелистер”