(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)
1989 – СИТЕ ПОЧЕСТИ ЗА ДИМИТАР ИЛИЕВСКИ
Спортската редакција на Битолски весник, посмртно, спортист на 1989 година го прогласи алпинистот Димитар Илиевски-Мурато за историскиот подвиг – освојувањето на врвот Монт Еверест. За најдобра екипа за оваа година беше прогласена екипата на РК „Пелистер”. Димитар Илиевски оваа година беше прогласен и за спортист на Македонија. Идентична листа состави и комисијата на СОФК-а – Битола. Изборот беше направен при крајот на декември 1989 г.
Ранг-листа на десетте најдобри спортисти за 1989 г. според анкетата на Битолски весник
- Димитар Илиевски -Мурато ( алпинизам)
- Ѓорѓи Костовски ( алпинизам)
- Пепи Манасков (ракомет)
- Весна Дунимагловска ( скијање)
- Дејви Главевски ( фудбал)
- Абдула Јусуфовски (ракомет)
- Томче Здравевски ( кошарка)
- Зорица Катиновска (кошарка)
- Снежана Спировска ( скијање)
- Златко Јосифовски ( џудо)
За најуспешна беше прогласена екипата на РК „Пелистер”. Потоа следуваа: КК „Пелистер” и ФК „Пелистер”.
За спортист на Битола за 1989 г. едногласно беше избран алпинистот Димитар Илиевски – Мурато. Ова високо признание на Димитар Илиевски му беше доделено посмртно за неговиот историски подвиг — освојувањето на покривот на светот“, врвот Монт Еверес, висок 8.848 м.
По цели десет години макотрпни подготовки, на 10 мај 1989 г. македонската хималајска експедиција се искачи на највисокиот врв на светот Монт Еверес. Честа на највисоката светска кота да го развиори македонското и југословенското знаме му припадна на битолчанецот Димитар Илиевски – Мурато, кој овој спортски и национален подвиг го оствари по цели 15 часа искачување од последниот базен логор.
Успехот на Димитар Илиевски многумина го мерат со освојувањето на олимписки златен медал, а зборувајќи за Подгвигот на Диме, водачот на македонската хималајска експедиција, Јован Поповски, рече дека Димитар Илиевски е македонски спортски Гоце Делчев.
Но, по големиот триуф се случи голема трагедија.
Димитар Илиевски при враќањето од „покривот на светот” исчезна и засекогаш остана во непрегледната бела хималајска гробница, но остана да живее легендата за него.
Второто место му беше доделено на вториот битолски алпинист, исто така член на македонската хималајска експедиција, Ѓорѓи Костовски. Ѓорѓи Костовски не успеа како Диме да се искачи на „покривот на светот” поради смрзнатини, но и тој заедно со сите останати членови на експедицијата, е заслужен што на највисокиот врв на светот ce поставија македонското И југословенското знаме.
Во 1984 година, заедно со Димитар Илиевски, беше одликуван со Орден заслуги за народ со сребрени зраци заради подвигот што го направија кога, ризикувајќи ги своите животи, успеаја да спасат двајца австриски алипинисти.
На третото место на ранг-листата на најдобрите спортисти 1989 г. се пласира ракометарот на „Пелистер” И репрезентативец Пепи Манасков. Неколку години со ред, Манасков е најдобар ракометар на „Пелистер” и еден од најзаслужните за успесите на битолскиот ракомет.
Четврта беше Весна Дунимагловска, скијачка на ПСД „Пелистер”. Дунимагловска во оваа година го освои второто место во слалом за помлади пионерки на меѓународното скијачко првенство во Турција, првото место на републичкото првенство за пионерки на Пелистер, третото место на Купот на Македонија итн.
На петтото место се пласира центарфорот на „Пелистер” и негов најдобар стрелец Дејви Главевски. Главевски во 1989 г. со своите игри и голови го сврте вниманието на фудбалските стручњаци и не случајно беше во фокусот на интересирањето на голем број прволигашки клубови.
Абдула Јусуфовски, ракометар на „Пелистер”, се пласира на шестото место. Јусуфовски долго време е еден од најдобрите во на „Пелистер”. Со своето примерно залагање и ангажирање е пример како секој треба да го сфаќа и да се однесува во спортот.
Седмото место му припадна на кошаркарот на „Пелистер”, Томче Здравевски. Тој е еден од најзаслужните за големиот успех и пласманот на „Пелистер” во Првата „Б” кошаркашка лига.
Осма беше кошаркарката на „Битолатекс”, Зорица Катиновска, којашто беше носителка на играта на „Битолатекс”
На деветтото место ce пласира младата скијачка на „Пелистер”, Снежана Спировска, којашто љубовта кон скијањето ја наследи од таткото Љупчо Спировски. Снежана, во Турција го освои деветтото место, на републичкото првенство на Пелистер беше прва во категоријата пионерки во слалом и прва на Купот на Бистра.
Џудистот на „Пелистер”, Златко Јосифовски, го освои десеттото место. Во оваа година беше еден од најдобрите џудисти на „Пелистер”. Стана републички првак во својата категорија, а на турнирите во Македонија освои два златни медали. На сојузниот турнир, што се одржа во Белград, освои бронзен медал.
За најдобра екипа беше прогласен РК „Пелистер”. Во 1989 г. ракометарите на „Пелистер” го постигнаа својот најголем успех на меѓународната ракометна сцена. Предводени од Пепи Манасков, ,,пелистерци” успеаја да се пласираат дури во четвртфиналето во купот на ИХФ што претставува најголем успех не само на битолскиот, туку и на македонскиот ракомет досега. четвртфиналниот натпревар со Форферц (ДДР), ракометарите на „Пелистер” беа на прагот да направат сензација и да се пласираат во полуфиналето.
Второто место на ранг-листата на најуспешните екипи го освоија кошаркарите на „Пелистер” кои во оваа година изборија пласман во Првата „Б” лига што беше дотогаш најголем успех на битолската кошарка. Успехот беше уште поголем бидејќи беше остварен со сопствен играчки и стручен кадар и со вложување на сосема мали средства.
Трета беше екипата на ФК „Пелистер”. Оваа екипа во 1989 година играше солидно иако клубот го тресеа доста проблеми меѓу кои најтежок беше проблемот со недостигот на финансиски средства и неорганизираност на управата. Тоа беше причина што „Пелистер”, во оваа година, по втор пат се најде под принудна управа.
Димитар Илиуевски-Мурато, најдобар и според одлуката на СОФК-а
Димитар Илиевски Мурато без конкуренција беше прогласен за спортист на 1989 г. и од страна на Комисијата за избор на спортисти при СОФК-а. Со неколку фотографии ќе се потсетиме на изборот на најдобрите спортисти од страна на СОФК-а за 1989 г.








