(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)
1991 – НА ВРВОТ И ВЕСНА ДУНИМАГЛОВСКА
За спортист на Битола за 1991 година беше избрана скијачката на СК „Пелистер”, Весна Дунимагловска надеж на битолскиот и македонскиот скијачки спорт. Оваа и следната година ќе биде „дама на белиот спорт” за која многу ќе се зборува. Титулата најдобра екипа му беше доделена на КК „Пелистер”
Изборот на најдобрите спортисти за 1991 година се одржа на 20 декември во диско барот „Кворум” во Домот на културата во присуство на голем број спортисти, спортски работници и вљубеници во спортот. Наградите на најдобрите им ги врачи новоизбраниот претседател на СОФК-а, Михајло Тромбевски.
Ранг-листа на најдобрите за 1991 г.
- Весна Дунимагловска – скијање
- Зоран Силјановски-кунг-фу
- Борче Јовановски-фудбал
- Александар Зарков-ракомет
- Жана Клочевска-кошарка
- Иванчо Котевски-фудбал
- Златко Јосифовски-џудо
- Елеонора Маринковиќ -ракомет
- Владимир Јадровски-стралаштво
- Никола Талевски-бокс
Скијачката на СК „Пелистер”, Весна Дуңимагловска, од комисијата составена од спортски работници на Општинскиот сојуз на организациите за физичка култура беше прогласена за спортист на Битола за тековната 1991 г. Се ценеа резултатите што оваа исклучително надарена скијачка ги остави зад себе во текот на целата година, учествувајќи на бројни републички и други првенства.
На второто место на ранг-листата на најдобрите спортисти се најде Зоран Силјановски, кој во еден од најтешките спортови – кунг-фу речиси целата година доминираше на рингот.
Трето пласиран беше Борче Јовановски, фудбалски првотимец. Понатаму следуваа: ракометарот на „Пелистер” Александар Зарков, кошаркарката Жана Клочевска, фудбалерот Иванчо Котевски, џудистот Златко Јосифовски, ракометарката Елеонора Маринковиќ, стрелецот Владимир Јадровски и боксерот Никола Талевски. Сите беа подеднакво важни и значајни во клубовите во кои настапуваа и се вбројуваа меѓу најдобрите во своите средини.
Во конкуренција на екипи и клубови за најдобра беше прогласена машката екипа на КК „Пелистер”. Второто место й припадна на женската екипа на РК „Симпекс-Пелистер”, а третото на ФК „ЗИК Новаци” – од Новаци.
На пригодната свеченост посебни признанија за развој на спортот во Битола им беа доделени на:
– ДТВ „Партизан”
– Кунг-фу клубот „Битола”
– Клубот за атлетска гимнастика (боди- билдинг)









