Билјана Талева и Николче Марковски – скијање – најдобри меѓу најдобрите во Битола за 1993 година

(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)


1993 – ПАК СКИЈАЧИ

Наместо десет, оваа година беа избрани 11 спортисти. Титулата најдобри спортисти за 1993 година ја поделија Билјана Талева и Николче Марковски од СК „Пелистер”. За најдобра екипа беше прогласен СК „Пелистер”. Беа доделени и повеќе индивидуални признанија.

Свеченоста, по ПОВОД прогласувањето на најдобрите спортисти на Битола за 1993 г., се одржа во хотелот „Битола, во присуство на голем број спортисти и спортски работници.

Ранг-листа на најдобрите за 1993 г.

  1. Билјана Талева и Николче Марковски ( скијање)
  2. Верица Димитровска ( атлетика)
  3. Игор Котевски (ракомет)
  4. Даниела Силјановска (гимнастика)
  5. Ванчо Мицевски ( фудбал)
  6. Илија Нешковски (бокс)
  7. Јордан Велевски ( автомобилизам)
  8. Тони Цветковски ( кунг-фу)
  9. Златко Котевски ( боди-билдинг)
  10. Игор Трајчевски (стрелаштво)

Најдобри екипи за 1993 г.
1.СК „Пелистер”
2.РК „Пелистер”
3.ФК „Пелистер”

Посебни признанија добија:
Томе Димовски – Бујуко (ветеран – фудбал)
Христо Димитровски (селектор бокс)
Никола Гемтовски (селектор – скијање)
Влатко Богдановски (прв битолски шаховски велемајстор)

Билјана Талева во 1993 г. ги постигна своите најдобри резултати. Во пионерска конкуренција имаше шест натпревари и забележа шест победи. Мошне успешно се натпреваруваше и на меѓународните натпревари. Се очекуваше да избори виза учество на Олимпијадата во Лилерхамер.

Титулата спортист на годината му припадна и на младиот Николче Марковски, кој имаше идентични резултати како и Билјана.

Комисијата за избор на спортист на годината, што ја сочинуваа Димче Миновски, уредник на Радио Битола, Менде Младеновски, уредник на Битолски весник, Томче Лазаревски, спортски новинар на ТВ Тера, и Менде Кожуварковски новинар на ТВ Меди, второто место од ранг-листата на најдобрите й го додели на Верица Димитровска. Верица во 1993 г. на сите трки на кои учествуваше ги освои првите места: на државното првенство во Прилеп, на пионерскиот тробој го урна рекордот ( 1/753 бода), на младинското првенство ги освои првите места, а беше прва и на 400 м., на меморијалниот атлетски митинг „Лазо Милошевски” Скопје.

На трето место се пласира младиот ракометар „Пелистер”, Игор Котевски кој придонесе „Пелистер” да ја освои
титулата државен првак и да се пласира во Купот на европските шампиони. Котевски е стандарден член и на репрезентацијата.

Гимнастичарката Даниела Силјановска се пласира на 4-то место. Во 1993 г. ги освои сите први места на првенствата во Скопје, Струмица, Кочани и Велес. Севкупен првак е за 1993 г., и една од најсериозните кандидати за дресот со државниот грб.

Петтото место му припадна на првиот топчија на ФК ,,Пелистер”, Ванчо Мицевски. Квалитетите на извонреден стрелец го донесоа и во репрезентацијата на селекторот Андон Дончевски.

Ha шесто место ce пласира младиот боксер на БК „Пелистер”, Илија Нешковски. Нешковски е заслужен за првата меѓународна победа на боксерската репрезентација на Македонија во двомечот со Албанија во Тирана. Беше првак на Македонија во најтешката категорија.

Автомобилистот Јордан Велевски се најде на седмото место. Во 1993 г. стана вицешампион на Македонија во национална класа.

На осмото место се пласира Тони Цветковски – кунг-фу. Во 1993 г. учествуваше на осум првенства и секаде беше прв, а во својата категорија до 57 кг. е апсолутен шампион.

Билдерот Златко Котевски се најде на деветтото место. Котевски во 1993 г. стана државен првак во категоријата до 70 кг., а на интернационалниот натпревар во Софија стигна до финалето.

На десеттото место се пласира стрелецот на СД „Јане Сандански”, Игор Трајчевски, општински првак за 1993 година со воздушна пушка, а на државното првенство со мк-пиштол го освои второто место.