(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)
1996 – ЧЕСТИТКИ ЗА БОРО ЧУРЛЕВСКИ
За спортист на Битола за 1996 година беше избран ракометарот Боро Чурлевски. За најуспешна беше прогласена екипата на РК „Пелистер Там”.
Со пригодна свеченост, што пак се одржа во ресторанот на хотелот „Битола” кон крајот на декември, беа прогласени десетте најдобри спортисти и трите најуспешни екипи за 1996 г. Врз основа на предлозите на спортските клубови, во прилично сериозна конкуренција, Извршниот одбор на СОФК-а за најуспешен спортист го прогласи ракометарот на актуелниот шампион „Пелистер Там”, Боро Чурлевски.
Ранг-листа на најдобрите спортисти за 1996 г.
- Боро Чурлевски (ракомет)
- Христина Петровиќ ( ракомет)
- Дејан Стаменковиќ ( шах)
- Нове Хаџи Стојанов ( боди-билдинг)
- Шандор Ходиќ (ракомет)
- Гоце Белџигеровски ( скијање)
- Билјана Попрцова (тенис)
- Тања Стојанова ( џудо)
- Узедин Биберовиќ (кошарка)
- Соња Митревска (атлетика)
Најуспешни екипи за 1996 г.
- Машка ракометна екипа „Пелистер Там”
- Женска ракометна екипа „Пелистер Тат”
- Тениски клуб „Битола”
Млади надежи:
- Владимир Ѓеоргиевски ( скијање)
- Дени Каровски (бокс)
- Талија Христова (тенис)
Ветерани: Кире Аврамовски ( доајен на битолскиот фудбал)
Во текот на 1996 г. Боро Чурлевски ја достигна својата целосна афирмација и ракометна зрелост. Co своите непредвидливи потези и додавања тој беше главен носител на играта на битолската ракометна машка екипа. Чурлевски, е еден од најзаслужните за големите успеси што ги постигнаа битолските ракометари како на домнашната, така и на европската ракометна сцена. „Пелистер Там” е носител на двојната круна и стигна дури до полуфиналето на Купот на националните куп-победници. Без дилеми, Боро се најде на чело на ранг-листата на најдобрите.
Второто место го освои ракометарката на „Пелистер Тат” Христина Петровиќ. Оваа,дама” на ракометот веќе неколку сезони е меѓу најдобрите битолски ракометарки. Како член на репрезентацијата беше учесничка на светското првенство во Бразил.
Трет беше шахистот на ШК ,,Стево Патако”, Дејан Стаменковиќ, пионерски првак на Македонија и учесник на европското и светското шаховско првенство за пионери.
Нове Хаџи Стојанов беше четврт на ранг-листата на најдобрите. Тој во текот на 1996 г. ги постигна своите најголеми успеси во дотогашната кариера. Освои бронзен медал на светското првенство во организација на НАБ федерација.
На петтото место се пласира голманот на РК „Пелистер Там”, Шандор Ходиќ. Со своите одбрани стана миленик на битолските навивачи.
Шести беше младиот скијач Гоце Белџигеровски, којшто во својата конкуренција беше еден од најдобрите во Македонија и актуелен првак во Републиката.
Младата и мошне талентирана тенисерка Билјана Попрцова се пласира на седмото место на ранг-листата на најдобрите. Таа се вбројува меѓу подобрите тенисерки во Републиката. Победничка е на неколку турнири во државата и учесник на тенискиот камп во Чешка.
Џудистката Тања Стојанова е новата голема надеж на битолскиот џудо-спорт. Со своите резултатите го зазеде осмото место.
На деветтото место се пласира кошаркарот на „Пелистер” Узедин Биберовиќ. Овој џин меѓу кошевите е најзаслужен за повторното враќање на „Пелистер” во Првата кошаркашка лига.
Десетта меѓу најдобрите за 1996 г. е атлетичарката Соња Митревска, членка на АК „Олимпија”. Во оваа година за неа се велеше дека е на патеката по која трчаше и ја пренесуваше славата на Битола, Вера Велјановска.









