(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)
1998 – НА ВРВОТ ПАК РАКОМЕТАР – ШАНДОР ХОДИЌ
За спортист на Битола за 1998 г. беше избран голманот на „Пелистер – Жито Битола”, Шандор Ходиќ. Тоа што „Пелистер – Жито-Битола”, пак беше најуспешна екипа доволно говореше дека ракометот во Битола уште беше во зенитот на својата слава.
Изборот на најдобрите спортисти на Битола стана редовна практика само на Сојузот на спортови, односно поранешната СОФК-а. Така беше и оваа година. Изборот се изврши на 25 декември и тоа во хотелот „Епинал”.
Ранг-листа на десетте најдобри за 1998 г.
- Шандор Ходиќ (ракомет)
- Александар Стојановски (скијање)
- Горан Пановски ( мотокрос)
- Кире Лазаров (ракомет)
- Томе Ангелевски (џудо)
- Оливер Огненовски (стрелаштво)
- Мери Спировска ( скијање)
- Никола Џајковски ( кунг-фу)
- Лилјана Павловска (кошарка)
- Александар Нашоку (фудбал)
За спортист на Битола за 1998 година е избран голманот на РК „Пелистер – Жито Битола”, Шандор Ходиќ. Ова високо признание на Ходиќ, инаку, голман број еден на битолската ракометна екипа и на македонската репрезентација, пред голем број спортисти и спортски работници му го врачи Силјан Мицевски, градоначалник на Битола и претседател на Сојузот на спортови-Битола. Постоеше општо мислење дека Шандор Ходиќ, сосема заслужено ја доби титулата најдобар спортист на Битола.
Второто место му припадна на македонскиот олимпиец Александар Стојановски од скијачкиот клуб „Пелистер”, еден од најдобрите скијачи во Македонија.
На трето место се пласира мотокросистот Горан Пановски од клубот „Бит-крос”, учесник на балканскиот мотокрос и еден од најдобрите мотокросисти во Македонија.
Младиот и талентиран ракометар на „Пелистер – Жито Битола” и веќе стандарден репрезентативец, Кире Лазаров, го освои четвртото место на ранг-листата на најдобрите.
Петти беше големата надеж на македонското џудо и Државен првак за 1998 г. Томе Ангелевски.
Стрелецот Оливер Огненовски, којшто во 1998 г. ја освои титулата државен првак, се пласира на 6-то место на листата на најуспешните.
Најдобрата битолска алпска скијачка Мери Спировска, која Во последните неколку сезони е во самиот врв на македонското скијање, се пласира на седмото место.
На 8-то место на листата на десетте најдобри се најде членот на кун-фу клубот „Битола”, Никола Џајковски.
Последните две места: деветтото и десеттото им припаднаа на кошаркарката на „Пелистер”, Лилјана Павловска и младиот и надежен фудбалер на ФК „Пелистер”, Александар Нашоку.
На свеченото прогласување на десетте најдобри спортисти на Битола за 1998 г. беа избрани и трите најуспешни екипи:
1.РК „Пелистер-Жито-Битола”
2.Шаховски клуб „Стево Патако”
3.Стрелачко друштво „Југо-тутун”
Признанија им беа доделени и на заслужните спортски работници, ветерани и на младите надежни спортисти. Посебно признание му беше доделено на селекторот на машката ракометна репрезентација на Македонија и тренер на РК „Пелистер – Жито Битола”, Стевче Стефановски.
Исто признание му беше доделено и на тренерот на ЏК „Пелистер”, и селектор на македонската репрезентација Ѓуро Илиќ, а од ветераните признанија добија стрелците Митко Фидановски, д-р Миле Огненовски и гимнастичкиот работник Спасе Крстевски. Признание доби и Општинскиот сојуз за училишен спорт.
За талентирани и надежни спортисти на Битола за 1998 г. беа прогласени:
- Владимир Ѓеорѓиевски ( скијање)
- Есан Казимов (бокс)
- Ѓорѓи Марковски ( скијање)
- Весна Пејовска (шах)
- Димче Радуловски ( џудо)
- Кристина Мурговска (гимнастика)









