Пеце Котевски – боди-билдинг – најдобар меѓу најдобрите во Битола за 2000 година

(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)


2000 – БИЛДЕРОТ КОТЕВСКИ – ВО ЕВРОПСКИТЕ ВИСИНИ

Пеце Котевски, откако го освои златниот медал на Европското првенство, стана спортист на Битола за 2000 – тата година. Битола се претвори во град на билдери. За најдобар спортски колектив беше прогласена екипата на ФК „Пелистер”.
Изборот на десетте најдобри спортисти се одржа при крајот на декември 2000 – тата година во ресторанот „Белведере” во присуство на спортисти и спортски работници. Во името на Сојузот на спортови, манифестацијата, како и многупати дотогаш, ја водеше новинарот Димче Миновски. Гостите ги поздрави Силјан Мицевски, претседател на Сојузот на спортови – Битола, кој потоа на најдобрите спортисти и екипи им ги врачи наградите и признанијата.

Ранг-листа на најдобрите спортисти за 2000 г.

  1. Пеце Котевски (боди-билдинг)
  2. Горан Пановски (мотоциклизам)
  3. Никола Џајковски ( кунг-фу)
  4. Илир Елмазовски ( фудбал)
  5. Гордана Атанасовска ( кошарка)
  6. Христина Мурговска ( гимнастика)
  7. Никола Стисниовски ( фудбал)
  8. Петар Анѓелов (ракомет)
  9. Тодор Тодоровски (кошарка)
  10. Ѓорѓи Марковски ( скијање)

Пеце Котевски, боди-билдер од Битола, член на НАБА Федерацијата со седиште во Битола, откако во конкуренција на над Триесетина натпреварувачи го ОСВОИ златниот медал На Европското првенство во бодибилдинг натурал (природен), кое се одржа во Лондон (В. Британија), според одлуката на комисијата на УО на Сојузот на спортови беше прогласен за спортист на Битола за 2000 година.

На второто место се најде познатиот „моторџија”, Горан Пановски, член на АМК „Бит – крос”, освојувач на првото место на државното првенство и 4-то место на Балканскиот шампионат. Пановски беше петти и на Европското првенство.

Никола Џајковски, член на КФК „Битола” го освои третото место на ранг-листата благодарејќи на освоената титула балкански првак во кунг-фу.

Одличните игри, епитетот најдобар десен бек во Македонија и дресот на репрезентацијата на младиот фудбалер на „Пелистер”, Илир Елмазовски, му го обезбеди четвртото место меѓу најдобрите за 2000 г.

Стандардната сениорска репрезентативка и членка на КК „Пелистер”, Гордана Атанасовска, се најде на петтото место.

На шестото место се пласира вештата гимнастичарка Кристина Мурговска, повеќекратен освојувач на првите места на државните, првенства. Мурговска од најраната младост CO гимнастика почна да се занимава во ДГС „Партизан”- Битола.

Мошне добриот фудбалер и креатор на играта на битолски „Пелистер”, Николче Стисниоски, го освои седмото место меѓу најдобрите спортисти на Битола за 2000 г.

Човекот со „сто раце”, како што многумина го нарекуваа одличниот голман на РК „Пелистер” и на македонската сениорска репрезентација, Петар Ангелов, се пласира на осмото место.

Деветтопласиран е членот на кадетската кошаркашка репрезентација на Македонија и играч на КК „Пелистер”, Теодор Тодоровски.

Младиот скијач, член на СК „Црвени Стени”, Ѓорѓи Марковски, освојувајќи значајни места на неколку меѓународни првенства се најде на десеттото место.

Благодарение на успешните настапи во Интер тото купот, односно пласманот во третото коло, ФК „Пелистер” ја доби титулата најдобар спортски колектив во Битола за 2000 г. Меѓу најдобрите се најдоа и ЏК „Пелистер”, освојувач на Купот на Македонија, и Градскиот стрелачки клуб „Пелистер” каде што членуваат неколку државни прваци.

Најдобри екипи за 2000 г.

  1. ФК,,Пелистер”
  2. Џудо клуб „Пелистер”
  3. ГСК „Пелистер”

За најуспешни спортски педагози за 2000 – тата година беа избрани:
Благој Илиев и
Томе Лозановски.

Првото место на ранг-листата при Сојузот на спортови на инвалидизирани лица го освои стрелачката:
Оливера Наковска

Исто така, беа прогласени и тројцата надежни спортисти. Тоа беа: Благојче Цветковски и Александар Витанов (скијање) и стрелецот Саше Илиевски.

Посебно признание му беше доделено на битолскиот шаховски велемајстор Влатко Богдановски за успесите на Шаховската олимпијада што се одржа во Истанбул, каде што македонската репрезентација го освои седмото место.