Златко Димитровски – ракомет – најдобар меѓу најдобрите во Битола за 2002 година

(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)


2002 – ВО ЗНАКОТ НА ЗЛАТКО ДИМИТРОВСКИ И ПЕТАР АНГЕЛОВ

Во 2002 година, Сојузот на спортови за спортист на Битола го прогласи ракометарот Златко Димитровски, а за најдобра екипа ЖРК „Пелистер”. Втор беше голманот Петар Ангелов.

Ранг-листа на најдобрите поединци за 2002 г.

  1. Златко Димитровски – ракомет
  2. Петар Ангелов – ракомет
  3. Елена Сивакова – гимнастика
  4. Бранко Поповски – моделарство
  5. Сретен Адамовски – стрелаштво
  6. Томе Пачовски – фудбал
  7. Сашо Илиевски – стрелаштво
  8. Енис Даутовски – атлетика
  9. Маја Атанасова – кошарка
  10. Јелена Маја Николиќ – џудо

Изборот на најдобрите спортисти за 2002 година се одржа на 12 декември во ресторанот „Белведере”. Иако се настојуваше изборот да се организира на крајот од тековната година, сепак, многупати се случуваше тоа да се прави во следната година. Како оправдување се наведуваше потребата да завршат сите активности во календарската година, па дури потоа да се избираат најдобри спортисти. Овојпат, меѓутоа, како и во многу други случаи, не беше оштетен ниту еден од спортистите, зашто во финишот на годината ретко кога се одржуваа спортски манифестации на кои учествуваа битолски спортисти.

Комисијата на Сојузот на спортови, понекогаш составувана и од спортски новинари, а најчесто од активисти на Сојузот, за спортист на Битола за 2002 година го прогласи ракометарот на РК ,,Пелистер Мак-банка”, Златко Димитровски, кој веќе од поодамна имаше тргнато по трагите на својот татко Пеце Димитровски, кој беше сметан за вонсериски спортист и еден од најдобрите ракометари на Битола и Македонија. Златко Димитровски беше стандарден првотимец на битолскиот супер лигаш и член на македонската ракометна репрезентација. Имаше подеднакви заслуги за добрите игри и на репрезентацијата и на клубот.

На второто место на ранг-листата на најдобрите за 2002 г. се најде уште еден член на битолскиот ракометен супер лигаш. Тоа беше голманот Петар Ангелов. Ангелов, како и Димитровски, беше репрезентативец и важеше за еден од најдобрите голмани во Македонија, со најголем просек на одбрани.

Елена Сивакова од ДТВ „Партизан” во овие години ce наметнуваше како најуспешна гимнастичарка во Македонија. За 2002 година го освои третото место откако стана државен првак и го привлече вниманието врз себе на меѓународниот гимнастички натпревар што се одржа во Загреб.

Бранко Поповски, член на аероклубот „Мирко Тодоровски” освен тоа што беше меѓу најдобрите во Битола, беше прогласен и за спортист на годината на Федерацијата на воздухопловни спортови на Македонија.

Сретен Адамовски беше државен првак во стрелаштво како член на стрелачката дружина на РЕК „Битола”, но почина неколку дена пред одржувањето на изборот на најдобрите спортисти на Битола за 2002 г.

Голманот на ФК „Пелистер” и член на Младинската репрезентација на Македонија, Томе Пачовски, се најде на шестото место.

Седмото место му припадна на стрелецот на градскиот стрелачки клуб „Пелистер”, Сашо Илиевски.

Енис Даутовски, член на АК „Олим”, го освои првото место на меѓународниот атлетски митинг „Лазо Милошевски” во Скопје на 1.500 м.

Маја Атанасова од ЖКК „Пелистер” во 2002 г. беше една од најдобрите центри во Македонија.

Десеттото место на ранг-листата на најуспешните за 2002 г. и припадна на Јелена Маја Николиќ од ЏК „Пелистер” за освоеното прво место во Републиката во својата категорија.

Ранг-листа на најуспешните екипи во 2002 г.

  1. ЖРК,,Пелистер – Металец”
    2.Стрелачки клуб „Сокомак”
  2. ФК “Новаци”

За најуспешни млади спортисти беа прогласени:

Методија Митревски ( скијање)
Емица Гемтова (кошарка)
Елена Лазаревска ( атлетика)

Посебни признанија им беа доделени на:
Оливера Наковска, за учество на светското првенство во стрелање за лица со хендикеп во Сеул и освоеното петто место на балканското првенство во Турција и за други резултати што ја вбројуваа меѓу најуспешните спортисти за 2002 г.

Лилјана Галовска и Менка Лузовска, професори по физичко образование, за придонес и афирмација на спортот во своите средини, беа прогласени за најдобри педагози за 2002 г.