Пеце Котевски – боди – билдинг – најдобар меѓу најдобрите во Битола за 2006 година

(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)


2006 – НА ТРОНОТ, ПАК ПЕЦЕ КОТЕВСКИ

Титулата најдобар спортист на Битола за 2006 година ја освои билдерот Пеце Котевски кој, иако прв пат се најде меѓу кандидатите за десетте најдобри, сепак, резултатите на меѓународен план го „исфрлија” на врвот. По Срдиќ, Котевски беше втор билдер кој беше најдобар спортист на Битола. Од екипите за најуспешна беше прогласен КК „Свислион – Пелистер” која во 2006 година стана спортски хит на Битола.
Изборот на најдобрите спортисти на Битола за 2006 година се изврши на почетокот од февруари 2007 година во ресторанот “Белведере” во целосна организација на Сојузот на спортови и под покровителство на Општината Битола. Како и во изминатите години, така и во оваа прилика најдобрите се избираа по предлози на клубовите и спортските друштва и асоцијации, а предлог листите беа освоени на посебна седница на Извршниот одбор на Сојузот на спортови, чииј претседател е Силјан Мицевски.

При изборот на најдобрите спортисти на Битола, во 2006 година се воведоа некои новини. За прв пат се додели признание за спортски настан во годината, почна да се истакнува најдобриот спортист од Сојузот за спорт и рекреација на инвалиди и да се прогласува најдобар странски спортис, кој настапува за некоја битолска екипа.

Во 2006 година Битола, за прв пат во својата историја, на мегданот пред ДГС „Партизан”, или некогашната „Соколана”, доби современо опремено зимско лизгалиште кое неколку години со ред беше вистинска атракција, особено за помладите битолчани. Заслугите за отворањето на лизгалиштето му припаднаа на актуелниот претседател на ФГСМ и ДГС „Партизан”, Љупчо Арнаудов. Отворањето на зимското лизгалиште беше прогласено за спортски настан на годината.

Повторно, за спортски работник на Битола беше прогласен Крсте Крстевски, сестран спортист и долгогодишен фудбалски судија.

За најуспешни педагози по физичко воспитување беа прогласени:
Илчо Белџигеровски, од основните училишта, и
Антонио Трпковски, од средните училишта.

Признанија за надежни спортисти им беа доделени на:
Љубица Илиевска од КГС „Партизан”
Јане Данов од скијачкиот клуб,,Молика”
Кристина Петровска од скијачкиот клуб „Пелистер”

За три најуспешни млади екипи беа прогласени:
КГС,Партизан”
ЖКК „Пелистер” и
Карате клубот „Студент”

За најдобар спортист од Сојузот за спорт и рекреација на инвалиди беше прогласена Вергита Сули.

Титулата најдобар странски спортист му беше доделена на Бранко Мирковиќ, кошаркар на „Свислион –Пелистер”.

За најдобар млад спортист на Битола за 2006 г. беше прогласен Александар Соколовски од кугларскиот клуб „Пелистер”, освојувач на второ место на светското првенство за млади куглари.

Во конкуренција на сениорски екипи, за најуспешни во 2006 година беа прогласени:

  1. КК “Свислион Пелистер”
  2. ФК „Пелистер”
  3. СК „Пелистер”

Ранг-листа на десетте најдобри спортисти за 2006 г.

  1. Пеце Котевски (боди – билдинг)
  2. Јелена Маја Николиќ ( џудо)
  3. Гоце Тодоровски ( фудбал)
  4. Александра Павловска ( кошарка)
  5. Ана Арнаудова (гимнастика)
  6. Танер Фејзуловски ( кошарка)
  7. Ана Стојчева – Валентино Апостоловски (танц)
  8. Енис Даутовски (атлетика)
  9. Владимир Жоглев (карате)
  10. Менде Нечовски (стрелаштво)